Америка не може вечно да го бомбардира Иран

Трамп е принуден да го одржува кревкото примирје со Иран затоа што неговите сили потрошија половина од ракетите веќе во првите 39 дена од војната. За да ги надомести ќе поминат години. Затоа може да се покаже дека најважната последица од војната во Иран не се мери со она што е уништено, туку според тоа колку оружје им останало на САД во арсеналот

Откако почнаа да ги чувствуваат последиците од енергетската криза поради затворањето на Ормускиот проток, Американците го зголемуваат притисокот врз Вашингтон да не губи време на дијалог туку да ја искористи воената надмоќ, да го бомбардира Иран и да го принуди Техеран да капитулира.

Но, претпоставката дека американската огнена моќ е неисцрпна е далеку од реалноста. Претседателот Доналд Трамп едноставно не може да ја активира воената машина како во март, бидејќи таа е веќе исцрпена.

Во првите 39 дена од војната против Иран, САД потрошија значителен дел од својата најнапредна муниција. Секое ново бомбардирање би ги спуштило резервите под нивото кое на САД им е неопходно да го чуваат за евентуален конфликт со Кина или со Русија.

Отворањето на операцијата Епски бес, според неколку извештаи, била најжестоката воздушна кампања што САД некогаш ја почнале. Само во првите четири дена испукале 5.197 парчиња муниција од 35 различни видови. Трошокот за обнова на испуканата муниција е проценет во распон помеѓу 10 и 16 милијарди долари.

Токму оружјето користено во првите баражи кон Иран е најскапо и најтешко да се замени. САД во војната влегоа со 3.100 крстосувачки проектили „томахавк“, од кои врз цели во Иран потрошија повеќе од 1.000. Анализи покажуваат дека им се потребни најмалку три години за да ги надополнат.

Резервите на дефанзивната муниција се трошеа уште побрзо, бидејќи САД со скапи проектили ги бранеа своите сојузници од роеви евтини дронови пуштени од Иран. Тоа ги заштити американските сили и придонесе да имаат само 13 жртви во војната, стотина пати помалку отколку нивниот противник, но сега опциите им се ограничени.

Потрошени се резервите на четири типа муниција: пресретнувачки ракети за системот THAAD и за противвоздушните батерии „патриот“, како и бродските проектили СМ-3 и СМ-6. Ниту една нова пресретнувачка ракета за системот THAAD не е додадена во арсеналот по јули 2023 година поради буџетски заштеди и проблеми со производството. Пентагон веќе потпиша договори за четирикратно зголемување на годишното производство на пресретнувачи THAAD, од 96 на 400, и на повеќе од трикратно производство на муницијата за Patriot PAC-3.

Но, сега не се проблем парите туку времето потребно за производство. Следната испорака не се очекува пред април идната година. Центарот за меѓународни и стратегиски студии проценува дека за обновување на клучните системи ќе бидат потребни минимум три години.

Анализа на Фондацијата Херитиџ предупреди дека врвните пресретнувачи како SM-3, SM-6, Patriot PAC-3 и THAAD би можеле да се исцрпат за неколку дена штом ќе започне борба со висок интензитет. Кина би можела со само две-три салви од проектили целосно да им ја потроши муницијата на САД, по што и американските сили би останале незаштитени на бојното поле, укажува анализата.

Пекинг во својата доктрина вгради критериум според кои би можела да се реши на присилно реинтегрирање на Тајван веќе во 2027 година. Аналитичари ја толкуваат оваа цел повеќе како аспиративна отколку со цврст рок, но САД би морале да бидат спремни за најлошото сценарио.
CSIS забележува дека овој „прозорец на ранливост“ ги остава во уште полоша позиција стратегиските сојузници на САД: Украина се уште се потпира на испораки на американска муниција за батерии „Патриот“, кои се приоритет и за противвоздушната одбрана на Јужна Кореја и Јапонија. 

Други анализи укажуваат дека тревогата е преувеличена: И САД и Иран го почитуваат примирјето и се воздржуваат од меѓусебни напади, а реално е мала веројатноста дека во следните неколку години би можело да избувне голема војна во Пацификот.

Но, стратегија не може да се гради на претпоставки дека противниците на САД учтиво ќе чекаат до 2029 година за да стасаат проектилите од американските фабрики. Пекинг исто така внимателно ги бележи сите испукани американски проектили и води сметка да спроведе акција кога ќе биде во поволна позиција. 

9 јуни 2026 - 12:26