- Добрата вест за Ахмад Џаангард Такало, 32-годишен Азербејџанец од турскиот град Ван: Без да знае станал еден од најбогатите луѓе во светот, откако на неговата банкарска сметка биле префрлени 1.000 милијарда лири (околу 21,8 милијарди долари).
- Лошата вест: Не може да повлече ни лира, додека финансиската полиција истражува како завршиле толку многу пари на неговата сметка.
- Такало побарал објаснување од банката откако му била одбиена картичката кога плаќал во супермаркет. Во банката го известиле дека на сметката има 999.999.999.999,99 лири и дека случајот го истражува Одборот за финансиски криминал (MASAK).
- Приватниот сопственик на мало претпријатие предупредува дека ќе банкротира ако проверката се одолговлечи уште некој месец.
- Од друга страна, морал да го смени телефонот откако се проширила веста дека станал билионер: „Одеднаш сите почнаа да ми се јавуваат и да тврдат дека ми се роднини“.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.