Празниците како што се Нова Година или Божиќ генерираат огромни расфрлања. Сармата и руската ќе се изедат но, помислете на сите оние тони искината и неупотреблива украсна хартија.
Или на подароците, на пример.
За празничните и други подароци економистите веќе имаат и термин "мртва загуба". Логиката е едноставна: некоја тетка ви подарила ужасна керамичка фигурина за која дала 1.000 денари. Само за да не ја гледате по дома, вие истата фигурина би ја дале некому макар и за 100 денари. И така, некаде на пазарот се изгубила вредност од 900 денари.
Има и студии за ова кои проценуваат дека мртвата вредност на подарокот се движи од една десетина до една третина од неговата вредност.
Скалирано на големи бројки, тој механизам изгледа застрашувачки: Ако Американците лани на празници потрошиле 630 милијарди долари, тоа значи дека меѓу 63 и 210 милијарди се залудно и неповратно фрлени.
Затоа некои препорачуваат кеш. Но, кешот нема баш врска со човечката природа на подарувањето. Тоа можеби не го знаат економистите но го знаат антрополозите. А и не го личи под елка.
Антропологот Венди Џејмс го има проучувано северно-африканското племе Удук. Кај нив, она што ти го подаруваат, треба да го искористиш а не да го сметаш за вредност. На пример, добиваш коза и ја јадеш, а не ја чуваш за да билдаш број на кози за да бидеш главен фраер со кози. Ваквиот фин поредок им го зачувува суеверието: веруваат дека секој што е себичен па ги чува подароците за себе предизвикува лошо време, а таквиот не минува добро во племето.
На овој начин, "примитивците" од Удук успеале да ја задржат разликата меѓу капиталот и подароците и го одржале специјалниот статус на подарувањето, ставајќи го настрана од своите секојдневни економски маки.
Уште поинтересен е обичајот потлач, еден расипнички карневал вообичаен за племињата од северозападните брегови на Канада и САД за кој има пишувано угледниот француски антрополог Марсел Мос.
Потлач е масовен фестивал во кој се трошат и расфрлаат огромни количини вредност, храна и сè што има домаќинот. А тоа секогаш е некој од поимотните лица во племињата. Потлач се организира за новороденчиња, за свадби и за умирачки, се покануваат и соседните племиња и притоа домаќинот раздава храна, ќебиња, животинска кожа, накит и речиси сè што има.
На почетокот на 20-от век, САД и Канада дури го имаат и забрането ваквиот начин на племенски славења, сметајќи ги за расипнички и назадни.
Ваквото расипништво не ја подобрува економијата на племињата но врши други битни функции за нив: го зацврстува социјалниот статус на домаќинот, го редистрибуира богатството во племето и осигурува никој поединец да нема акумулирано премногу богатство во однос на останатите.
На овој начин, подарувањето е многу повеќе од идејата за еквивалентна финансиска трансакција, каква што ја имаме ние во западните општества: да дадеш отприлика онолку колку што ти дале. Потлачот создава и врски меѓу луѓето и обврска кога некому ќе му дојде ред да биде домаќин, да биде повеликодушен од претходникот. Оној што не е таков, во племето се смета за човек што не ги плаќа своите долгови.
Западната логика на подарувањето е во правењето баланс: секој секому подарува иста вредност и си заминуваат среќни. Логиката на овие домородци е во нарушување на балансот: оној што зема да заврши со повеќе отколку оној што дава. На тој начин меѓу нив се создава и доверба и обврска и посветеност.
Зборувајте ни кој е овде цивилизиран.