Јанис Варуфакис смета дека начинот на кој Брисел се постави кон кризата во Каталонија открива подлабоки пукнатини во Европската Унија.
На тогашните нереди по кои над 1.000 луѓе побараа медицинска помош а полицајците користеа и гумени куршуми за да го спречат гласањето за независност. ЕУ одби да го осуди насилството, што професорот кој даде оставка од грчката влада во 2015 година, го оценува како лицемерна реакција.
„Хипокризија е Европа да каже дека такво полициско насилство против луѓе не е европско прашање. Исто како што е идиотски да порачуваш дека ЕУ е унија на држави а не луѓе и народи, бидејќи тоа е најдобриот аргумент за оние кои се за независност да работат на создавање држава. Да имавме прописна ЕУ, ќе беше небитно дали Каталонија е независна“, вели Варуфакис.
Освен што смета дека еврозоната има системски проблеми поради кои еврото на долги патеки нема да го биде, Варуфакис смета дека ЕУ генерално води политика на игнорирање на проблемите кои сама ги создава.
„Ќе скршат чаша и после срчите ќе ги буткаат под тепих“, оценува Варуфакис.
Тој тоа го осетил уште кога ги водеше преговорите со европската тројка кога на Грците им беше даден циничен предлог да им се заборават старите долгови ама да мораат под диктирани услови да земат нови.
Тој на почетокот на годинава ја советуваше британската премиерка Тереза Меј да не влегува во преговори со ЕУ по никоја цена и патем опиша како изгледа тоа преговарање:
„ Никогаш нема да знаеш со кого точно треба да зборуваш и тоа го прават намерно. Кога ќе им дадеш некој умерен предлог, ќе те гледаат бледо како да им ја рецитираш шведската химна. Ќе ти замолчат како риба а после некое време ќе го прекинат состанокот правдајќи се дека треба дополнително да проверат некои податоци“.
Претходно имаме објавено едно вонсериски забавно видео парче во кое Варуфакис ја демаскира целата помпа и раскажува како одвнатре функционира таа фамозна евро група.