Кајзер Созе (Usual Suspects)
Пред аболицијата: Глумејќи го простодушниот и хендикепиран Вербал Кинт, успеа околу себе да ја создаде најмистериозната, речиси митска фигура на Кајзер Созе, комплетно надитрувајќи ги истражните органи во пред-судска постапка.
По аболицијата: Ја сфати огромната моќ на раскажувањето приказни и фактот дека не е битно што навистина се случило туку кој тоа ќе го раскаже. Денеска живее луксузно, брифирајќи широка лепеза клиенти, од домашни политичари и бизнисмени па до странски дипломати и амбасади.
Ханибал Лектор (Тhe Silence of the Lambs)
Пред аболицијата: Брилијантен и софистициран ум, со култивиран вкус за музика, вино и храна. Патем и психопат, сериски убиец и човекојадец. Прво им влегува во умот на жртвите за на крај да ги јаде.
После аболицијата: Неочекуваната вест за аболицијата го затекнува среде софра. Му преседнува последното јадење и решава да стане веган. Се зачленува во неколку друштва за заштита на животните во кои по неговото влегување, бројот на членовите неосетно опаѓа. Некои тврдат дека му го познале гласот кога се јавува на утрински емисии, обично кога гостува доктор од гастро.
T-1000 (Terminator 2: Judgment Day)
Пред аболицијата: Технолошки значаен исчекор во однос на претходната Серија 800 на Шварценегер. Телото на Илјадарката е направено од течен метал што му овозможува лесно да менува облици, да презема туѓи форми и комплетно и уверливо да се преправа во други.
После аболицијата: Главно го прави истото што го правеше и пред аболицијата (лесно менува облици, презема туѓи форми и комплетно и уверливо се преправа во други). Само што денес на телевизија го потпишуваат како експерт. Кога нема обврски и е дома, седи пред телевизор како локва.
Агентот Смит (The Matrix)
Пред аболицијата: Програм од вештачка интелигенција, креиран да го штити системот, особено од човечки упади во него, со првенствена цел да ја зачува симулираната реалност во која живеат луѓето.
После аболицијата: Аболицијата го освестува за две работи: дека не е еден туку дека има повеќе Матрикси и дека кој и да го избереш, нема бегање од нив. Бидејќи обожава да работи во сејф мод, инстинктивно се решава да се приклучи на доминантниот Матрикс. Заради одржување кондиција, се вмрежува со другите агенти како него, до степен да не можеш да ги разликуваш. Моментално работи државно, се клонира преку добиени СМС-и.
Дарт Вејдер (Star Wars)
Пред аболицијата: Некогаш и самиот џедајски витез познат како Анакин Скајвокер, Дарт Вејдер бива заведен од темната страна на Галаксијата и почнува да му служи на Злото, во мисија да ги истреби џедаите и бунтовничката Алијанса. Симбол на космичкото зло.
После аболицијата: По амнестијата и неговото конструктивно учество во преговорите за надминување на кризата (Пржино 1.0. Виена 2.0 и Марс 3.0), се изборува за правото на врзан потпис, зема учество во договорената широка коалиција и партиципира во разни управни одбори на јавни претпријатија ширум вселената. Во слободно време пишува автобиографија со работен наслов: "Не беше сè така црно"
Норман Бејтс (Psycho)
Пред аболицијата: Зад тивкиот, срамежлив и упадливо љубезен менаџер на малиот мотел се крие психопат со тежок едипов комплекс кој облечен како својата мајка, ладнокрвно ги убива женските жртви во туш кабина.
По аболицијата: Сопственик на ланец хотели. Горд што редовно плаќа данок и комуналии.
Томи ДеВито (Goodfellas)
Пред аболицијата: Најмалиот но убедливо најлут член на гангстерската група од источен Бруклин, започнува војна со фамилијата Гамбино кога им убива човек откако овој го потсеќа дека како мал му чистел чевли. Бескрупулозен и брз на пиштол, Томи прво пука па после му ја мисли. Најчесто не му ја мисли.
По аболицијата: Конечниот број на убиства никогаш не се дозна бидејќи амнестијата го затекна во предистражна постапка. По аболицијата доживува мачни периоди на досада но бргу се снаоѓа и наоѓа ново поле погодно за неговиот избувлив темперамент. По цел ден коментира на Фејсбук и други социјални мрежи. Томи денес го прави тоа исто како некогаш. Прво коментира па после му ја мисли. Најчесто не му ја мисли.
**************************
Види и ja нашата статија од пред две години (ноември 2014):
Што ќе снимаат Дизни и Ворнер во Македонија (има два дела)