Паровите што заедно озборуваат се посреќни

Во популарната култура, озборувањето обично има лоша репутација - се поврзува со ситни интриги и разговори што не се баш најблагородни, но, психологијата последниве години почнува поинаку да го гледа.

Истражувањата покажуваат дека зборувањето за луѓе кои не се присутни - што всушност е основната дефиниција за озборување - е многу почеста и посоцијална појава отколку што мислиме, а во рамките на романтичните врски, може дури и да има неочекувано позитивна улога.

Во едно истражување спроведено од научници од University of California, Riverside и објавено во Journal of Social and Personal Relationships, истражувачите следеле 76 парови во нивниот секојдневен живот. Наместо класични анкети, користеле мал уред што повремено снимал кратки фрагменти од разговорите во текот на денот. Целта била да се види за што луѓето навистина разговараат кога не знаат дека некој ги анализира нивните теми.

Резултатите покажале дека трачот е далеку почест отколку што претпоставуваме. Во просек, луѓето поминувале околу 38 минути дневно зборувајќи за други луѓе, а поголемиот дел од тие разговори - речиси половина час - се случувале токму со партнерот. Уште поинтересно, паровите кои почесто се впуштале во вакви разговори пријавувале малку повисоки нивоа на лична среќа и задоволство од врската.

Тоа не значи дека озборувањето магично ги подобрува односите, но психолозите сметаат дека ваквите разговори функционираат како мал социјален ритуал. Кога двајца партнери зборуваат за некоја трета личност - колега, сосед, заеднички познаник - тие всушност создаваат заедничка интерпретација на светот околу себе. Разменуваат мислења, се согласуваат или се смеат на истите ситуации, и на тој начин ја зацврстуваат идејата дека се „на иста страна“.

Токму во тие ситни разговори, често после некоја средба или на пат кон дома, се создава чувство на сојузништво. Тие мини-муабети и анализи со „Што мислиш за него?“ и „Виде ли колку беше чудна таа ситуација?“ не се само празна приказна, туку и начин партнерите да ја усогласат својата перспектива и да почувствуваат дека делат ист социјален радар.

Озборувањето има и многу подлабоки корени во човечката еволуција. Во раните човечки заедници, преживувањето зависело од групата, а луѓето морале да знаат кому може да му се верува, кој е чесен, кој мами, кој е добар сојузник. Бидејќи групите постепено станувале поголеми, станало невозможно секој лично да ги познава сите. Тука се појавува трачот како социјален инструмент. Преку разговори за трети лица, луѓето можеле да разменуваат информации за репутација, доверба и однесување и тоа им помогнало да се снаоѓаат во сложената мрежа на односи, па на некој начин, озборувањето функционирало како рана верзија на социјална „мрежа на информации“.

И има уште една функција: градење сојузи. Кога двајца луѓе споделуваат мислење за некого, всушност сигнализираат дека имаат заеднички вредности и перцепции. Тоа чувство на „ние гледаме на светот слично“ е основа на довербата - било во племе пред илјадници години или во модерна врска денес.

Сепак, да не тераме премногу позитивно во однос на озборувањата - постојат и токсични форми на озборување кои создаваат недоверба или непријателство, но психологијата прави важна разлика: озборувањето не значи нужно злоба. Во научна смисла, тоа едноставно е разговор за луѓе кои не се присутни - а таквите разговори можат да бидат и неутрални, па дури и позитивни.

Затоа е и лесно да се сфати зошто многу парови се чувствуваат поблиски кога разговараат за светот околу себе. Во тие мали анализи на социјалниот живот - кој што рекол, како изгледала некоја ситуација, дали некој бил искрен или не - се создава чувство дека партнерите заедно го дешифрираат светот. А токму тоа чувство на заедничко разбирање, според психолозите, е една од тивките, но важни состојки на блискоста.

13 март 2026 - 09:03