Кој тоа наполни 50 години?

Бананата

Лу Рид, Џон Кејл, Морин Такер, Стерлинг Морисон и со нив ледената германска божица Нико: монументални распади кои одат, наркофилски ѕверови, декадентни трубадури, велеградски шљам, провинцијалци и фолиранти на кои случајно им паднало да бидат генијални, блазирани, одвнатре размонтирани протопсихопанк пролетери: и ете три четврт саат со најразулавената, највалканата, најопасната и најнежната музика која дотогаш е снимена на планетата.

Sunday morning
Brings the dawn in
It’s just a restless feeling
By my side

Early dawning
Sunday morning
It’s just the wasted years
So close behind

Не изгледа како банана, не мириса така, го нема ни тој вкус; не е ни чудо: тоа е плоча, винилна, грамофонска. И воопшто не се вика така, иако сите така ја викаа и ја знаеја, додека постоеја плочи, додека имаше музика како нешто што е животно важно. Бананата ѝ е само на омотот, на Ворхол, ене ја, се жолтее во сите монографии за уметноста на 20-от век. А плочата е во сите антологии на рокенролот некаде при врвот; рокенрол е нешто што еднаш постоеше па со ќеф се сеќаваме на него, и на себе во него. Постои и сега музика која така се вика, но тоа е само еден департмент во глобалниот супермаркет. Не сум лут заради тоа, таква е судбината, то ест начинот на кој безболно исчезнува секоја успешна побуна: ќе ја преземе меинстримот или, во подобар случај, таа ќе го преземе него. На подолг рок, исто му доаѓа.

Бананата неодамна прослави 50-ти роденден: објавена е во март 1967, снимена претходниот април, во Њујорк, кај на друго место? Во студио на Менхетн, за само 4 дена: Лу Рид, Џон Кејл, Морин Такер, Стерлинг Морисон и со нив ледената германска божица Нико: монументални распади кои одат, наркофилски ѕверови, декадентни трубадури, велеградски шљам, провинцијалци и фолиранти на кои случајно им паднало да бидат генијални, блазирани, одвнатре размонтирани протопсихопанк пролетери: и ете три четврт саат со најразулавената, највалканата, најопасната и најнежната музика која дотогаш е снимена на планетата, тоа е Велвет Андерграунд и Нико, тоа е Бананата. Кога пред финалето на 20-от век се најдов во Њујорк и цапав по неговите улици и авении, градот ми звучеше баш како нив, и како Соник Јут. Ниеден град не звучеше подобро.

Речиси сме врсници, Баната и јас: кога е снимана бев дете помало од дете, учев да зборувам и одам, во Скопје, меѓу пиперот и бостанот, така јужно а толку далеку од јужното овошје; години подоцна и 800 километри по северозападно, ќе копнеам по Бананата, но таа ќе ми биде недостижна. Наместо неа имав аудио касета, сивкасто- зеленкаста БАСФ феро супер од 90 минути, а на нејзината А страна снимена целата Банана, дали од некој што ја имал, дали џапната од некое радио, кој ќе знае.

Ја вртев беспоштедно, ја носев секаде со мене, гњавев луѓе по журки да ја пуштаме, и знаев: таму кај што Бананата нема да наиде на разбирање, таму не се мои луѓе, туку некои други.

Бананата беше последно нешто што го чув пред заминувањето на возот кој ќе ме одвлечка  фамозните 400 низводно, на Топчидер, да го отплатам 400 дневниот (секој ден - еден километар?) долг кон Татковината, иако воопшто немав чувство дека баш тоа ѝ го должам (ама таа не прифаќаше поинаква компензација). Кога European son отиде во фејд-аут, го исклучив црвениот ЏиВиСи радио-касетофон, и си реков, ајде, време е да се трга. 400 дена подоцна, ќе дојдам дома, ќе ја ставам касетата назад во касетофонот, ќе притиснам плеј, ќе го слушнам оној милозвучен звук со кој почнува Sunday Morning, и со него ќе заглавам во помрачната половина од 80-тите.

Во винилното издание и оригиналното пакување, Бананата за мене ќе остане само предмет на копнеж. Никогаш не ја купив ниту добив. Додека ми беше преважно да ја имам, ми беше недостапна. Попосле, длабоко во 90-тите, ја купив во ЦД издание, бугарска пиратка, веројатно пред СКЦ, каде што тие години купував на метар и на кило музики украдени од некои посреќни светови, доволно оддалечени било во просторот, било во времето. Сепак, омотите на ЦД-ата, дури и на оригиналните а не па на кутрите источноевропски пирати, немаа ни дел од магијата на омотите на плочите. Спржената бугарска Банана се жолтееше некако тажно и лажно, како она пластично овошје кое во облик на тн. аранжман стоеше по комбинираните соби на нашите добри бабички и дедочичковци од длабоката провинција. Така што контам дека Бананата никогаш не сум ја имал. Сега веројатно би можел да ја купам, ама што ќе ми е сега? Сè што можеше да ми даде, ми даде, и никој тоа не може да ми го земе, ниту пак јас би можел да го исфрлам тоа од себе, дури и кога би сакал.

Има малку од тој живот што сè уште е со мене. Но таа касета е тука, покрај мене, закачена како чичка, заедно пројдовме сè што имаше да се пројде; избледе мојот младешки ракопис, едвај се наѕира она Велвет Андерграунд и Нико, а на Б страна White Light, White Heat, ама и тоа е доволно. Остаревме заедно, Бананата и јас; таа сега веќе е класична музика, а јас сум.... па што знам, да речеме љубител на класична музика, не ќе е тоа ни така малку за еден живот. 

Теофил Панчиќ, во (платената верзија) на Време

****

 

20 април 2017 - 13:45