
Во текот на 2025 година, песната стана најстримуваната песна од деведесеттите, со 337,9 милиони стримови во една година, според податоци на Луминејт. На Спотифај, Iris веќе ја надмина границата од 3 милијарди слушања, при што повеќе од една милијарда се додадени само во 2025 година. Во 2026 година песната и понатаму собира околу 2,6 милиони стримови дневно и се наоѓа на 37. место на глобалната дневна листа на Спотифај - пред изведувачи како Тејлор Свифт и Бруно Марс.
Песната ја напиша фронтменот на бендот, Џон Резник, и беше објавена на 1 април 1998 година како водечки сингл од албумот Dizzy Up the Girl. Насловот има необично потекло: Резник го забележал името на американската кантри-фолк пејачка Ајрис ДеМент во списание и одлучил да го искористи. Текстот на песната се занимава со теми како ранливост, чувството на невидливост и идејата да се жртвува бесмртноста за вистинска човечка врска - мотиви што се поврзани со приказната на филмот City of Angels, во кој главните улоги ги играат Николас Кејџ и Мег Рајан и за кој песната првично била напишана.
Уште кога излезе, Iris беше огромен хит и помина пет недели на врвот на топ-листите во Австралија, осум недели во Канада и две недели во Италија. Во Велика Британија стигна до третото место, а на американската радио-листа Billboard Hot 100 Airplay постави тогашен рекорд со 18 последователни недели на првото место. Во Ирска и денес се смета за еден од најуспешните синглови во историјата, рангиран на 19. место, а само во Велика Британија песната има продадено повеќе од 4,2 милиони копии и има добиено седумкратен платинест сертификат.
Новата популарност на песната доаѓа од неколку причини. Ја пуштаа во Deadpool & Wolverine во 2024 година и со тоа ја претставија пред нова публика, а луѓето не се уморија од неа и откако филмот престана да се дава во кино. Потоа, ТикТок одигра клучна улога во ширењето на песната меѓу помладите слушатели - многумина од нив родени години по нејзиното оригинално објавување. Iris се појави и во втората сезона на серијата Shrinking на Епл ТВ+, како и во филмот Companion. Бендот во меѓувреме активно ја искористи новата популарност, настапувајќи на новогодишни телевизиски програми и најавувајќи турнеја во 2026 година со бендот Neon Trees.
Iris не е единствениот пример за ваква музичка ренесанса. Песната Running Up That Hill од Кејт Буш, објавена во 1985 година, повторно се искачи на врвот на топ-листите во 2022 година откако се појави во четвртата сезона на серијата Stranger Things. Слична приказна има и Dreams од Флитвуд Мек, која во 2020 година повторно стана хит по вирално видео на ТикТок со човек што вози скејтборд додека пие сок од брусница.
Баш да видиме која ќе ја вратат следна.