Животот носи многу поголеми предизвици од оној на неколку минути да бидеш сам со сопствените мисли, без оглед дали е тоа некој спомен од детството, планирање на викендот или решавање на проблем на работа. Но тоа изгледа и не е толку едноставно колку што изгледа - според едно ново истражување луѓето повеќе би сакале самите да си предизвикуваат електро шокови за да не им биде досадно, отколку да поседат во тишина.
Главниот истражувач, Тимоти Вилсон од Универзитетот во Вирџинија, влегол во проектот со идеја дека нашиот мозок е преполн со потенцијал за сеќавања и фантазии, кои би можеле да бидат извор на самозабава со денови. Излегло дека и покрај ваквата вродена можност, ние сепак пречесто се одлучуваме за надворешни дразби, само за да избегаме од себеси.
Резултатите од истражувањата на Вилсон и неговиот тим се објавени во најновиот број на научното списание Science, и тие се базираат на 11 експерименти. Во повеќето од нив учесниците биле замолени да ги отстранат сите предмети кои би можеле да им го одземат вниманието, и да се занимаваат само со нивните мисли 6-15 минути.
Во тек на првите шест експерименти изведени во лабораториски услови, 58% од учесниците ја оцениле тежината на оваа задача на околу половина од скалата („средно тешко"), а 42% под средината. Но, во седмиот обид учесниците ја исполнувале задачата дома, и тогаш дури 32% признале дека мамеле со користење на нивните телефони, слушање музика, или правење на што и да е само не и она што од нив било барано. Во лабораторискиот дел од експериментите, податоци за еден учесник биле отфрлени бидејќи еден од експериментаторите случајно оставил пенкало на масата, па овој си го позајмил за да си направи список за купување. Истото се случило и со друг учесник, кој од едно оставено ливче со инструкции си правел оригами.
Учесниците ја оцениле задачата на забавување со сопствените мисли како многу помалку пријатна од занимавањето со други лесни активности, како читање весници или пополнување крстозбор.
Но како што покажала една поекстремна варијанта на истиот експеримент, пријатноста престанува да биде фактор кога треба да се бира помеѓу неа и досадата. Имено, во еден од експериментите на учесниците им биле закачени жици со слаба струја и им била дадена можност доколку сакаат да се „шокираат" самите себеси во текот на времето наменето да бидат оставени сами на себе. Претходно тие имале шанса да ја пробаат направата и да видат дека дразбата е болна. Па сепак, дури и помеѓу оние кои потоа изјавиле дека би платиле за да НЕ го почувствуваат повторно шокот, една четвртина од жените и две третини од мажите самите си се протресувале, а во еден екстремен случај некој го притиснал копчето 190 пати за 15 минути.
Вилсон и неговиот тим едноставно биле вчудоневидени. Можеби современата технологија е онаа која ни ги скапува мозоците? Излегло дека ова не е одлучувачкиот фактор. Истиот нагон да се избега од сопствените мисли е регистриран кај различни возрасни групи, кои во различен степен ги користат мобилните и социјалните мрежи. Технологијата повеќе изгледа како симптом, отколку како причина за нашата мака да се забавуваме себеси.
Вилсон, во отсуство на појака објаснувачка теорија, посегнува по социо-биологијата и вели дека цицачите еволуирале во суштества кои ја мониторираат нивната околина заради можни опасности, па целосното фокусирање во тек на неколку минути исклучиво навнатре е неприродно.
„Би било малку чудно да се види шимпанзо како позира како Роденовиот „Мислител" во тек на подолги временски периоди", вели тој. Но и покрај оваа „скенерска хипотеза" во која е убеден, тој сепак дозволува дека вежбањето на оваа задача може да помогне. Пронајдена е мала корелација помеѓу искуството на медитирање и способноста за самозабавување, и таа сугерира дека контролирањето на сопствените мисли е всушност и една од работите зошто луѓето се одлучуваат да вежбаат медитација. Она нешто кое најдобро се практикува во континуитет цело лето, покрај море, со мезе и вино.
На тема останување со себе и потребата тоа да се избегне по секоја цена, главниот социолог на денешнината Луис СиКеј има да го каже ова: