Историјата покажува дека европските држави ги граделе своите империи поставувајќи стратегиски упоришта покрај главните морски патишта. Кога Португалците во 1511 година ја зазеле Малака, главната цел им била да ја контролираат тесната поморска порта помеѓу Индискиот Океан и Јужното Кинеско Море, низ која минувала трговијата на Азија. Карипските острови, како Јамајка, заземен од Шпанците во 1655 година, биле главните центри за трговијата од Европа до Америка.
Окупацијата на Гибралтар во 1704 година му обезбедила на Обединетото Кралство контрола врз влезот во Медитеранот, а од Р'тот Добра Надеж доминирале со бродскиот пат од Атлантикот до Индискиот Океан. Сингапур од почетокот на 19 век, прерасна во клучна поморска база што ги чуваше приодите помеѓу Индискиот Океан и Јужното Кинеско Море.
Империите од овие времиња не биле создадени само со освојувања и експлоатација, туку преку контрола на морските патишта и стратешките точки што им овозможувале на трговијата, информациите и работната сила да се движат низ океаните.
Бродовите не можат да пловат вечно. Тие мора да се закотват во пристаништа заради поправки и снабдување со храна, вода и и стоки. Поморската моќ не се состоеше само од бродови, капетани и екипажи - туку од густа мрежа од пристаништа низ целиот свет.
Со текот на времето, се заборави колку се централни овие рути и јазли. Во децениите по крајот на Студената војна, светот влезе во период на глобализација, поткрепен од огромната американска економска, политичка и воена моќ - и од мантрата дека слободната трговија е моторот на просперитетот и темелот на меѓународниот светски поредок.

Сепак, како што се интензивира геополитичката конкуренција и светот се движи кон мултиполарна ера, се покажа колку се важни артериите на глобалната трговија.
Поморскиот транспорт превезува над 80% од стоките со кои се тргува низ целиот свет. Околу 11 милијарди тони се транспортираат по море секоја година - приближно 1,5 тон за секој жител на планетата. Бродовите пренесуваат околу две третини од глобалното производство на нафта и околу една петтина од природниот гас. Без глобалните бродски мрежи, нема да работат ни фабриките ни компјутерите ниту ќе може да се загреат домовите. Четири петтини од земјоделските производи се транспортираат по море.
Бродови превезуваат речиси 2 милијарди тони железна руда годишно. Стотици милиони тони боксит и алуминиум пловат од рудници во Гвинеја, Индонезија и Австралија, како и десетици милиони тони бакар од Чиле, Перу и Југоисточна Азија.
Едно од стратешки најважните тесни грла во оваа глобална мрежа е Ормускиот Теснец, кој сега е блокиран од Иран. На својата најтесна пловна точка, бродските линии се широки само неколку километри. Многу поважно е што низ нив поминува околу една петтина од глобалната потрошувачка на нафта. Веднаш по блокадата, цените на нафтата скокнаа на 120 долари за барел.

Доналд Трамп инсистираше дека затворањето во Заливот е привремено и дека нафтата, гасот и стоките наскоро повторно ќе поминуваат. Тоа е типичен борбен говор од претседател кој избра конфронтација со Иран затоа што не разбра зошто режимот во Техеран одби да „капитулира“ пред американските барања за нуклеарната програма и балистичките ракети, пишува Питер Франкопан за Unherd.
Последиците од актуелната војна ќе се протегаат многу подалеку од наредните денови или недели. Кризата со Ормускиот Теснец ќе биде потсетник како функционира моќта во современиот свет. Поморските патишта остануваат артериите низ кои течат просперитетот и безбедноста.
Податоците, алгоритмите, сателитите и вештачката интелигенција може да доминираат како главни економски теми на 21 век, но тие сè уште зависат од транспортот на физичките стоки низ океаните. Микрочиповите бараат минерали, енергија и опрема за производство. Центрите за податоци бараат бакар, алуминиум, ретки земји и огромни количини енергија. Логистиката е и отсекогаш била моќ.
Ресурсите од кои зависат новите економии можеби се промениле, технологиите еволуирале и бродовите изгледаат поинаку. Но, реалноста останува иста како од пред четири века, кога Роли запишал: „Кој го командува морето, командува многу повеќе од самото море“.