
Коментарите на актерот Тимоте Шаламе неодамна отворија поширока дебата за состојбата на филмската индустрија и за нејзината иднина. Откако во разговор со Метју Меконахи за списанието Варајети истреска дека „опера и балет се небитни“, го направија партал, го искористија за реклама каде требаше, а фановите се потресоа дека ќе му избега Оскарот. Воедно, познавачите ова го гледаат како индиректен сигнал за подлабоката несигурност што ја чувствува Холивуд.
Коментарите беа особено изненадувачки ако се земе предвид дека самиот Шаламе претходно има зборувано колку му е блиску балетот. За време на промотивната турнеја за филмот „Марти Суприм“, раскажуваше дека израснал зад сцената на Њујоршкиот балет, каде што настапувале баба му, мајка му и сестра му и тој период, како што си кажа, го обликувал неговото разбирање за уметноста и амбицијата.
Реакцијата од уметничката јавност беше брза, делумно затоа што многу актери историски доаѓаат токму од светот на танцот. Балетот и современиот танц одамна се сметаат за дисциплини кои им помагаат на изведувачите да го разберат телото како инструмент на раскажување; затоа и изјавите на Шаламе беа доживеани како непотребно потценување на уметности кои и онака веќе се соочуваат со намалена институционална поддршка и финансирање.
Сепак, дел од критичарите сметаат дека изјавата всушност открива подлабок проблем - состојбата на самата филмска индустрија. Иако Холивуд со децении се претставува како стабилен центар на глобалната поп-култура, историјата покажува дека кризите се постојан дел од неговото постоење.
Во текот на 20 век, Холивуд неколку пати се клатеше, од ограничувањата на таканаречениот Хејсов кодекс и антимонополските пресуди што го разбија студискиот систем, до политичките притисоци на макартизмот. Подоцна се појавуваа нови предизвици - телевизијата, видео игрите, стриминг-платформите и, во последните години, вештачката интелигенција.
Иако филмот како медиум постојано се прилагодува на технолошките и економските промени, многумина сметаат дека денешните предизвици се особено сериозни. Холивуд се соочува и со финансиски и со креативни дилеми: студијата сè повеќе се обидуваат да го минимизираат ризикот во продукцијата, што често резултира со филмови по формула и франшизи, додека публиката сè почесто се врти кон други форми на забава. Во исто време иде поширока културна криза - многу филмови, не успеваат да се поврзат со реалните дилеми и искуства на современата публика. Дури и филмските ѕвезди, некогаш симболи на индивидуалност и харизма, сè повеќе изгледаат слично - како производи на стандарди за убавина што се повторуваат и унифицираат.
Режисери како Кристофер Нолан често зборуваат за важноста на кино-салите како простор за заедничко културно искуство, но критичарите поставуваат и поинакви прашања: зошто публиката би продолжила да инвестира време и пари во филмови кои ретко нудат нови идеи? И што се случува со една уметност ако упорно си ги брка обичните гледачи - без разлика дали поради цената, или поради недостиг на интерес?
Историчарите на филмот потсетуваат дека вакви дилеми не се нови. Во книгата City of Nets од 1986 година, авторот Ото Фридрих го опишува Холивуд по големите успеси од 1939 година и падот што дошол во следната деценија. Во неа се цитира и продуцентот Дејвид О. Селзник, кој наводно еднаш забележал дека Холивуд наликува на Египет – „полн со пирамиди во распаѓање“.
И физичкиот изглед на градот го потврдува тоа чувство на постојана трансформација. Многу од легендарните места на филмската култура се исчезнати или се заменети со нови згради, банки или паркинзи. Но парадоксално, токму носталгијата за стариот Холивуд често станува профитабилна индустрија сама по себе.
Малкумина се сомневаат дека филмот како медиум ќе опстане, но сè почесто се поставува прашањето дали Холивуд - во формата во која постои денес - ќе успее да се приспособи на новата културна и технолошка реалност.