Повеќето потписници на декларацијата на ОН насочена против Русија беа земји од Европа и традиционалните западни сојузници како Австралија, Канада, Израел, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.
Повпечатливо е кој не ја потпиша декларацијата. Пред сè, не беше прифатена од САД, но и од ниту една африканска или арапска држава и од ниту една земја од Јужна или Југоисточна Азија.
Поместувањето е очигледно и во гласањата на Генералното собрание на ОН. Во март 2022 година 141 од 193-те земји-членки на ОН ја осудија руската инвазија. Во февруари 2023 година 141 држава гласаа за резолуција со која се повикува на праведен мир и руско повлекување.
Меѓутоа, до февруари 2025 година, поддршката падна на 93 гласа „за“, 18 гласаа против, а 65 се воздржаа. Во тоа време Доналд Трамп се врати во Белата куќа и САД гласаа против украинско-европската резолуција.
Во февруари годинава, резултатот беше малку поповолен за Киев: Резолуцијата за траен мир доби 107 гласа „за“ и 12 „против“. Меѓу земјите што се воздржаа, вкупно 51, беа САД и сите важни држави од Глобалниот Југ, на чело со Индија и Бразил. Ова покажува дека многу земји од Глобалниот Југ не ја поддржуваат недвосмислено ниту Русија ниту западната политика кон Украина. Напротив, тие се обидуваат да останат неутрални.
Истражувања сугерираат дека колебливоста на Глобалниот Југ произлегува повеќе од личен интерес отколку од симпатии кон Москва. Овие земји во развој внимателно го следеа Западот како ги ублажува санкциите за Русија или додава исклучоци за да им овозможи на сопствените компании да профитираат од трговијата.
Студија од 2023 година на Алесија Амигини и Алисија Гарсија-Хереро за бриселскиот тинк-тенк Брojгел покажа дека најсилниот фактор што влијае на тоа дали една земја се воздржала или гласала против Украина е нејзиниот обем на увоз од Русија. Повеќето од земјите кои се воздржувале имаат одбранбени договори со Москва, зависат од руска помош или, пак, се опфатени со кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“.
Бразилскиот претседател Инасио Лула да Силва изјави во ОН дека „нема да има победници на бојното поле“ и се залагаше за решение преку преговори во кои ќе бидат опфатени Кина и другите земји во развој. Сличен став има и Индија, која останува во голема мера зависна од руската нафта и воена опрема.
Противењето на САД на резолуцијата се вклопува во политиката на администрацијата на Трамп која повеќе се потпира на директни преговори со Москва и Киев отколку на притисок од широка западна коалиција.
Ова значи дека поддршката за Украина е концентрирана на Европа, но и тука се чувствуваат промени. Во времето на претседателскиот мандат на Џо Бајден во Вашингтон, ЕУ како целина посилно ја поддржуваше Украина. Откако се врати Трамп, поддршката е повеќе фокусирана на поединечни држави.