Заборавената прва жена-режисерка во светската кинематографија

Вчера, 14.09., во Кинотека имавме ретка прилика да се запознаеме со 13 реставрирани кратки филмови на Алис Ги кои и денес, повеќе од еден век откако се направени, делуваат свежо со изборот на темите и со луцидниот хумор. Нејзиното дело и нејзиниот приватен живот се преплетуваат во приказна којашто исто така може да биде филмска. 

Алис Ги-Блаше започнала да снима на самиот почеток на кинематографијата, на крајот на 19 век. Во текот на својот живот режирала и продуцирала околу илјада филмови, експериментирала со звук, комедија, монтажа и специјални ефекти, а сепак на крајот верувала дека речиси целото нејзино дело е изгубено. Дури децении по нејзината смрт повторно се открива колку била важна за развојот на филмот.

Нејзината приказна започнала од многу приземна причина: ѝ требала работа. Како тинејџерка, Алис научила да пишува на машина за да може да ја издржува својата мајка, која останала вдовица. Првата работа не ѝ била пријатна – денес би го нарекле тоа сексуално вознемирување – па преминала во Comptoir Général de Photographie, компанија за фотографска опрема и услуги, во која постојано пристигнувале најновите технички пронајдоци.

Таму работела како секретарка на Леон Гомон, чие име и денес постои како една од големите компании во филмската индустрија. Преку работата се сретнала со луѓе како инженерот Гистав Ајфел и Жорж Демени, кој експериментирал со фоноскопот – еден од раните обиди за спојување на подвижната слика и звукот.

Во март 1895 година, по покана од браќата Лимиер, Алис присуствувала на демонстрација на нивните филмови. Подоцна ги опишувала како кратки и повторливи и помислила дека може да направи нешто поинтересно. Собрала храброст и му предложила на Гомон да напише една или две мали сцени и да ангажира неколку пријатели да глумат. Тој се согласил, под услов тоа да не ѝ пречи на редовната работа. Експериментот бил успешен. Гомон ѝ овозможил да работи во студио, каде што постепено почнала да го контролира целиот процес и да развива сопствен стил.

И тоа каков стил! На проекцијата на 13 нејзини кратки филмови која се одржа на 14.09. во нашата Кинотека, со музичка придружба во живо на Андреј Татарчевски, видовме приказни кои нè освежија со својата луцидност. Два филма имаа врска со колбаси - „Трката по колбаси“ (1907) е куче што грабнува колбаси што се сушат пред месарница. Почнува трка по него која собира голем број луѓе - на крај колбасите се „спасени“, но во завршната сцена одеднаш нив почнуваат да ги глодат самите луѓе! Во „Автоматизираната мелница за месо и машина за шешири“ (1900) во само пар минути е прикажан необичен процес - во импровизирана апаратура луѓе ставаат животни, а од два посебни отвора излегуваат на едната страна модерни шешири, а од другата колбаси. 

Но најинтересен е „Последиците на феминизмот“ (1906) во кој родовите улоги се сменети - жените пијат по кафани, тргуваат и се однесуваат генерално „машки“, додека мажите ги чуваат децата, пеглаат и шијат. И не само тоа, туку жените им се пуштаат на мажите и сексуално ги вознемируваат. Ова ескалира до момент на машка побуна, која нештата се враќаат во нивната првобитна рамнотежа. 

Па сепак, приказната на Алис е и тоа како феминистичка. Нејзината кариера станала доволно успешна за да изгради сопствен филмски комплекс во Форт Ли, Њу Џерси. Студиото Солакс имало стаклена филмска сала, лабораторија за развивање филмска лента, декор во форма на западњачки град и дури езеро. Ги надгледувала активностите во студиото обиколувајќи го на коњ. Подоцна преминала и на долгометражни филмови. Кога финансиската состојба почнала да ѝ се влошува, а студиото западнало во долгови и сопругот ја напуштил за да замине во Лос Анџелес со актерка, таа повторно успеала да најде работа како режисерка, која во време кога актерите глумеле театрално и претерано од нив барала да се однесуваат поприродно пред камерата. 

За да изгледа подобро на филм, некогаш правела парафински инјекции за да ги нагласи образите. Одгледала син и ќерка, а во еден момент со семејството побегнала во Канада поради епидемија на детска парализа. За време на Првата светска војна волонтирала во Црвениот крст во Северна Каролина и се грижела за децата додека биле болни од сипаници. Во Чикаго едно од нејзините деца било киднапирано на неколку часа. По тој настан купила пиштол за заштита. Преживеала и шпански грип, пандемија во која во светот починале десетици милиони луѓе, меѓу кои и четворица вработени во Солакс.

Во своите мемоари од 1930 година, Леон Гомон ги прескокнал сите случувања пред 1907 година. Со тоа практично ја избришал Алис Ги-Блаше од сопствената историја на кинематографијата. Таа му пишала барајќи да не бидат изоставени тие години. Тој се согласил нејзиниот придонес да биде внесен во второто издание, но тоа издание никогаш не било објавено.

Подоцна започнала кореспонденција со синот на Гомон, Луј. Еден негов јавен говор за неа ѝ донел одредено признание. Следеле предавања, па нејзини мемоари. Но тие биле објавени дури осум години по нејзината смрт. Во 1955 година ја добила Легијата на честа, а две години подоцна француската Кинотека организирала прослава во нејзина чест. Сепак, вистинскиот обем на нејзиниот придонес станал видлив дури многу подоцна.

Во последните децении архивисти и филмски историчари почнале систематски да ги пребаруваат архивите и приватните колекции. Досега се пронајдени околу 150 нејзини филмови, а со секое ново откритие станува појасно дека Алис Ги-Блаше не била само една од првите жени режисерки. Таа била еден од пионерите што помогнале филмот да стане она што ќе стане: медиум со приказна, глума, монтажа, жанрови, специјални ефекти, звук и сопствен визуелен јазик.

15 септември 2026 - 09:55