Британија изнајмила патнички авион за да депортира 1 мигрант

Британија во јануари годинава изнајмила патнички авион за да депортира еден единствен мигрант во Франција. Министерката за внатрешни работи Махмуд изјави дека просечната сума за секој депортиран мигрант од шемата „еден внатре – еден надвор“ била 56.000 фунти, но додава дека исто толку би чинела алтернативата, ако мигрантите биле задржани во хотели една година.

Чартерот со единствениот депортиран мигрант од Британија летнал на 7 јануари годинава. Првично било планирано авионот да пренесе повеќемина, според шемата со која во Франција се враќаат лица што нелегално го преминале каналот Ламанш во замена ист број легитимни баратели на азил во Британија.

Сепак, поради необјавени причини, повеќето мигрантите биле повлечени, па било одлучено авионот да се искористи за еден единствен мигрант, кој имал здравствени потреби, покажуваат податоци од Министерството за внатрешни работи. Во спротивно целосно би пропаднало платеното изнајмување на авионот.

Во јуни минатата година бил изнајмен патнички авион за депортирање на осум мигранти во Полска.

Во период од 12 месеци до февруари годинава Министерството изнајмило 74 авионски летови, со кои биле депортирани 2.835 нелегални мигранти и странски државјани осудени за кривични дела. Летовите заедно чинеле 13,8 милиони фунти, односно 186.000 фунти по лет или 4.485 фунти по лице. Податоците не ги вклучуваат редовните комерцијални летови што исто така се користат за депортација, ниту трошоците за службениците за безбедност кои патуваат како придружба.

Убедливо најголем број чартер-летови имало за Албанија – 42, со кои биле вратени 1.810 илегални мигранти и криминалци. Следуваат Романија со депортирани 329 лица со седум лета и Франција со 282 во 14 авиони.

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд изјави дека владата потрошила 78 милиони фунти за враќање на 1.400 лица во Франција, во рамките на договорот „еден внатре – еден надвор“ од минатото лето. Тоа значи дека просечната сума за секој депортиран мигрант од оваа шема била 56.000 фунти. Покрај транспортот, во сумата се вклучени трошоците за притвор, безбедност и правни постапки.

Франција неодамна најави дека сака да ја прекине пилот-програмата кога ќе истече на 1 октомври и да ја замени со друг договор.

Махмуд истакна дека трошокот од 56.000 фунти по мигрант е сличен на износот за сместување на барател на азил во хотел во текот на една година. Таа призна дека е релативно мал бројот на азилантски семејства што ја прифатиле понудата до 10.000 фунти по лице за да ја напуштат Британија и да се вратат во своите матични земји. Министерката истакна дека ова би било најисплатливо решение за Британија, бидејќи е поевтино да им се исплатат 40.000 фунти на четиричлено семејство да заминат, отколку да се организира присилна депортација или да се потрошат 150.000 фунти за сместување во хотел во текот на една година.

Бројот на илегални преминувања преку Ламанш оваа година е намален за повеќе од 40%, достигнувајќи нешто над 17.000. Махмуд ова го објаснува со меѓународно координираните операции за попречување на рутите за снабдување со чамци што ги користат шверцерите на луѓе, како и на зголемениот број француски службеници на плажите во рамките на новиот тригодишен договор од 662 милиони фунти.

16 септември 2026 - 08:07