- Изложбата „Раселени...Фрагменти од сеќавањето“ на Тања Балаќ ќе се отвори на 16.09.2026 (среда) во 20 часот. Таа произлегува од долгогодишното истражување на темата на мигрантската криза, раселеноста, но сега повеќе се поместува кон она што останува во човекот откако ќе исчезне местото што го нарекувал „дом“.
- „Не ме интересира само човекот кој е принуден да замине, туку и она што тој го носи со себе - сеќавањата, сликите, фрагментите, стравовите, блискоста, отсутните луѓе, просторот што повеќе не постои на истиот начин. Можеби токму затоа и зборот фрагменти ми е важен. Сеќавањето никогаш не е целосна слика. Тоа секогаш е составено од делови.“ - вели авторката во интервју за УМНО (на линкот).
- Медицинската драма „Д Пит“ ја освои наградата за најдобра драмска серија на 78. доделување на „Еми“, кое се одржа во раните утрински часови на 15.09. по македонско време во Лос Анџелес. Серијата, која минатата година исто така беше прогласена за најдобра во драмската категорија, го повтори успехот и во 2026 година. Нејзиниот главен актер, Ноа Вајл, освои награда за најдобар актер во драмска серија.
- Меѓу останатите добитници во драмските категории се најдоа Риа Сихорн, која го освои својот прв „Еми“ за главна женска улога за „Плурибус“ (уште ѝ должат за „Бетер кол Сол“), и Том Пелфри, награден за споредна машка улога во серијата „Таск“. Алисoн Џени, пак, ја освои наградата за споредна женска улога за „Дипломатот“.
- Најголемото изненадување на вечерта беше серијата „Видоус беј“, која ја освои наградата за најдобра комедиска серија. Таа освои шест награди во главната церемонија, со што се издвои како еден од најголемите победници на годинешните „Еми“. Метју Рис ја освои наградата за најдобар актер во истата, додека Кејт О’Флин и Стивен Рут беа наградени за споредни улоги. Серијата освои и признанија за сценарио и режија.
- Џин Смарт освои „Еми“ за најдобра актерка во серија од жанрот комедии за улогата на Дебора Венс во „Хекс“. Ова е нејзина петта последователна победа во истата категорија за оваа улога, што претставува историски успех. Метју Рис оствари исклучително достигнување, освојувајќи награди во две главни актерски категории во текот на истата вечер. Покрај наградата за комедијата „Видоус беј“, тој беше награден и за главна машка улога во ограничената серија „Ѕверот во мене“. Со тоа стана првиот кој во една иста година освоил „Еми“ за главна актерска улога и во комедија и во мини серија.
- Офицерскиот Дом во Битола, еден од најрепрезентативните културни споменици во Македонија и архитектонски бисер стар повеќе од 100 години. Oваа есен тој станува центар на нов проект кој ја поврзува неговата богата фото-архивска историја со современите дигитални и креативни алатки.
- Целта на проектот е да поттикне современа креативна и дигитална интерпретација на локалното културно наследство, со фокус на Офицерскиот Дом, преку создавање трајни аудио-визуелни креативни содржини кои ќе придонесат кон неговата јавна видливост, културна промоција и интеграција во локалната културна и туристичка понуда.
- За учество се повикуваат млади луѓе на возраст од 16 до 26 години, од Битола и регионот. Пријавување за учество трае до 25 септември на следниот линк