Уште во 19 век психологот Пол Жане забележал дека нашата проценка на времето не е линеарна. Детството ни изгледа долго, додека подоцнежните години минуваат сè побрзо. Причината делумно лежи во новитетот: кога сме деца, речиси сè е ново, па создавањето спомени е интензивно. Подоцна, кога животот станува порутински, деновите се повторуваат и во ретроспектива изгледаат пократки.
Пандемијата особено добро покажа колку е кревка нашата перцепција на времето. Кога исчезнаа вообичаените настани, патувања, средби и промени во средината, деновите почнаа да личат еден на друг. Се појавија изрази како „блурсдеј“ – ден кој не можеме точно да го сместиме во неделата – и таканаречениот „ефект 2020“. Тоа сугерира дека времето не го чувствуваме само преку некаков внатрешен часовник, туку и преку бројот и значењето на промените што ги доживуваме и паметиме. Колку повеќе различни, впечатливи настани има во некој период, толку подолг може да ни изгледа кога ќе се навратиме на него.
Причина е и дигиталниот свет. Телефоните, социјалните мрежи и постојаното скролање ни даваат огромен број стимули, но тоа не значи дека тие создаваат исто толку трајни спомени. Но технологијата не е единствениот виновник. Современата култура генерално нè убедува дека времето мора постојано да се користи продуктивно. Досадата, чекањето или едноставното гледање низ прозорецот се сметаат за изгубено време, па веднаш посегнуваме по телефонот за да ја пополниме и најмалата празнина. А токму таквите „празни“ моменти можеби му даваат на времето структура и длабочина. Кога доживуваме нешто без постојано да преминуваме од еден стимул кон друг, имаме поголема можност да го забележиме, запомниме и сместиме во сопствената животна приказна.
Во своето дело „Принципи на психологијата“, Вилијам Џејмс нè повикува на еден едноставен експеримент: „Затворете ги очите и едноставно почекајте некој да ви каже дека поминала една минута.“ Таа една минута, објаснува тој, ќе ни изгледа неверојатно долга. Ќе се почувствуваме како да сме навлегле во нејзината внатрешност, како во „бескрајната“ прва недела од прекуокеанско патување, па дури ќе се зачудиме како човечката историја воопшто успеала да помине низ толку многу такви периоди.
Причината е во тоа што, кога само го следиме текот на времето, без нешто друго да ни го одвлекува вниманието, стануваме исклучително свесни за самото негово поминување. Кога сетилата ни се постојано ангажирани и стимулирани, времето се згуснува: го забораваме, не го забележуваме, како да исчезнува. Но кога нема ништо што го исполнува вниманието, останува само чувството на самото време – а токму тоа, според Џејмс, е едно од најмалку стимулативните, но и најинтензивно почувствуваните искуства што можеме да ги имаме.
извор