Чарли, Браво: како настанала меѓународната азбука за спелување?

Повеќето од нас ги знаат барем првите неколку зборови: Алфа, Браво, Чарли, а оние што гледале многу воени филмови и Делта, Ехо и Фокстрот. Но колкумина би се сетиле што следува по нив – Кило, Мајк, Сиера? Како овие необични зборови станале начин за да се спелуваат други зборови при комуникација преку воки-токи, радио или други системи каде што Т, на пример, лесно се меша со Д.

Приказната на таканаречената НАТО азбука (или азбука за спелување, во која секоја буква се претставува со збор) започнува уште со пронаоѓањето на телефонот во 1870-тите. Раните телефонски оператори брзо откриле дека кога треба да спелуваат некое име или збор, една буква лесно може да биде разбрана како друга. Затоа природно се наметнала идејата секоја буква да се претставува со вообичаен збор што започнува со неа. Проблемот бил во тоа што не било толку едноставно да се изберат вистинските зборови. Било потребно многу експериментирање за да се најдат зборови што звучат доволно различно еден од друг за да не се мешаат.

На почетокот на 1910-тите, американската компанија Вестерн јунион објавила своја азбука за спелување, составена главно од имиња на луѓе и места: Адамс, Бостон, Чикаго, Денвер, Едвард и така натаму. Во текот на Првата светска војна, британската армија користела нешто поекстравагантна верзија, со зборови како Биер, Манки, Натс, Оранџ, Пип и Јоркер. До Втората светска војна, практично секоја воена служба во Велика Британија и САД имала развиено сопствена варијанта.

Со сè поголемото поврзување на светот, а не само воените системи, станало јасно дека е потребна една единствена, универзална азбука. Сериозната работа на нејзино создавање започнала со формирањето на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, која требало да го координира воздушниот сообраќај во мирнодопски услови. Била направена ревизија на тогашната азбука што ја користеле американските и британските вооружени сили, со посебно внимание на тоа зборовите да можат лесно да ги изговараат и луѓе на кои англискиот не им е мајчин јазик, а истовремено да бидат доволно различни за да не се мешаат меѓусебно. Во 1956 година Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ја утврдила конечната листа. Таа е позната како НАТО-азбука, а официјално како Меѓународна азбука за спелување во радиотелефонијата. 

извор

17 септември 2026 - 15:33