Букбокс читанка

ТЕКСТОТ И НЕСВЕСНОТО: ИЗБОР ОД МАКЕДОНСКИ ОГЛАСИ

Сигмунд Фројд, таткото на психоанализата, прв и последен пат го посетил Њујорк во 1909. Се прошетал низ Централ парк, го посетил Универзитетот Колумбија, се провртел низ Кинескиот кварт и – заминал. Нарекувајќи ја оваа земја „голема грешка", тој никогаш повеќе не дошол во Америка.

Но Американците пак затоа биле воодушевени од него. Две години по неговата фамозна посета, во Њујорк била формирана Американската асоцијација на психоаналитичари, која овие денови ја одбележува својата стогодишнина. И еден век подоцна Америка останува најголемата планетарна „колонија" на шринкови, чиј статус во овој дел од светот (Балкан, Македонија) е сè уште во фаза на етаблирање, и во конкурентска борба со локалните бајачки и исцелители.

Популарноста на психоанализата како терапевтска техника веројатно лежи во фактот што таа ги третира нашите спомени, соништа и актуелни доживувања како текстови, кои доколку соодветно се протолкуваат имаат некаква смисла. Така нашиот живот престанува да биде низа од случајни и неповрзани настани, туку нивен логичен след, во кој една траума од минатото може да биде тригер за психички проблем во сегашноста. Задачата на психоаналитичарот, меѓу другото, е да ја открие таа скриена, потсвесна причинско-последична врска помеѓу нашите фрагментирани приказни, и да ни ја протолкува така за таа да изгледа како осмислена, кохерентна целина. Тој, со еден збор, има задача да нè – освести.

Како што нашите нарации кажуваат нешто за нас како поединци, така и оние колективните кажуваат нешто за приоритетите, вредностите и светогледот на нашите заедници. До скоро мета на толкувања, па и на оние психоаналитичките, беа таканаречените традиционални фолклорни форми: бајките, народните песни, поговорките, гатанките. Занимавајќи се со нив, во еден миг ни светна – а зошто тоа не би можеле да бидат и современите огласи?

Со години запишувајќи ги, скенирајќи ги и прераскажувајќи ги, сфативме дека тие на живописен начин ја отсликуваат општествената стварност - онаа од подрумите, салоните за масажа, гарсоњерите за дневен престој, приградските кафани и агенциите за посредување. Ги биравме само оние кои кријат некаква необична приказна, или кои содржат интересна коректорска или јазичка (фројдовска?) грешка. Има тука несфатени пронаоѓачи, собирачи на салфети, религиозни фанатици, осаменици, преваранти, фини господа, приучени компјутерџии. Како и во животот, ги има секакви.

Едно време почнавме на секој оглас да му пишуваме наслов или некаков коментар, но многу е подобро ако се обидете сами да си ги замислите луѓето и околностите кои стојат зад нив: колку ли мака видел некој пред да огласи дека купува чај за одвикнување од пушење, како успева да го стави а потоа и да го извади јазикот оној кој вели дека „го вметнува во Нокија", каде ли го чува костурот оној кој огласил дека го изнајмува, што ли очекува некој кој преку оглас бара „баба и дедо за услуга", што ли е приказната за Друштвото за размена на предмети, услуги и бесплатна работа?

Ниту една друг историски документ, ниту едно книжевно дело, не ги отсликува човечките стравови, желби, потреби и надежи како што тоа го прават огласите. Некој археолог од иднината ќе има полни раце работа доколку дојде до нив - де ќе се чуди, де ќе се смее, де ќе го обзема крајна емпатија кон неговите „огласувачки" субјекти, каква што нè обзема и нас. Од 2004. се прашувам – дали девојката што го бараше оној кој ја одбранил од кучињата околу 18,15ч во четврток 21.10.04 пред Седмица го нашла спасителот? Дали сега живеат среќно и весело, чувајќи дома питома пудлица? Или девојката и денес се вртка околу Седмица, претупанета од хамбургери, и попусто го чека пес-терминаторот? Ако прочитаат нека се јават...Огласот кој ние го даваме е – бесплатно правиме големи приказни од вашите мали огласи.

* * *

(Огласник М, 28.01.2011)

Продавам детско креветче со јога душек.

Купувам чај за одвикнување од пушење.

НЕМОЖАМ да декодирам мобилен Нокиа 5230, тел: 071..

Друштво за размена на предмети, услуги и работа без пари.

(Огласник 24 часа, 25 јануари 2011)

Барам баба и дедо за услуга, по договор.

Крава стелена 3 месеци, фризерска раса со гаранција.

Продавам свиња балканец.

Барам за чување баба чистачка за канцеларии садомијачка во кујна помошничка.

Барам жена да ја чувам кај мене каква била.

(Огласник М, 26.02.2010)

Продавам дворни цркви, џамии, кучиња, лавови, дрвени крстови за во кола, икони, може на фактура.

Сервисирам ПС, бришам вируси, инсталирам оригинален Виндоус со антизаштита, доаѓам на повик.

Кафе бар организира секој вторник танчерка, се изнајмува и за приватни забави, семинари, Ново Лисиче, позади Боксер.

Продавам калап за машки лебед.

Продавам перпетуум мобиле машина.

(Различни огласници од 2004 наваму)

Вратете си ја радоста, младоста, ИМПОТЕНЦИЈАТА!

Под "Продавам": Сите видови алергии. Тел...

Издаваме 2 соби за студенти специјализантки во Козле со сите НУЗПРОСТОРИИ, поволно

Продавам венчаница ЕДНАШ носена

Барам да купам ЕПИСКОП (??)

Вметнувам јазик во Нокија

Камен во бубрези од Индија, се топи и исфрла

Скрипта за БАСТАРДИРАЊЕ шумски пилиња пејачки

Велес агенција за вработување, ви нуди работа од профили до 50 години

Збогувајте се засекогаш со фобос и неговите фобии. Под истиот телефон: Засекогаш стоп на досадните хемороиди и дистули

Барам жена до 55 години за дискретни средби, предност имаат дебелки

Грчка фирма која се отвара во Скопје бара секретарка со или без работно искуство, МНОГУ УБАВА 25-45 години. Нудиме добра плата

Продавам пластифицирани БЕСМРТНИ вентили за водовод

"Собрани дела" од Тито и "Лекување со билки" од Ванѓа

Барам да чувам деца со искуство. Барам да чувам и негувам стари и болни лица со искуство

Мајки и други, ако сакате да заработите со консумирање здрава храна, јавете се

Продавам хороскопи и гледам на карти, ПОГОДУВАМЕ по прикладни цени

Волчјак без педигре, може и замена за ЦД плеер

Гуски, индиски тркачици

Ако имате одредени проблеми, а не сакате да ве третираат како пациент...

Барам гитара за почетник.

Француска средна пудлица бара женка за парење, тел...по 16 часот.

35 глави кози, цена по договор.

Изнајмувам костур за анатомија.

Во рубриката домашни галеничиња: Продавам заклани очистени прасиња, 160 ден кг

Го молам дечкото што ме спаси од кучињаа околу 18,15ч во четврток 21.10.04 пред Седмица да се јави на тел.

Лечиме со биоенергија, баеме од уроци, нагазиште, повраќање на саканата особа

Ако имате грижи, стравови, депресија, незадоволства, помагам со разговор

На природен начин зголемете го вашиот полов орган од 3-5 цм, гратис порно филмови

Лечам луѓе од епилепсија, стрес, кој не може да се ожени

Ослабнете да се поправите, прашајте ме како

Крема за мали гради, а воедно и за големи

Имате доволно ќерки, сакате синче или спротивно, правиме карта според вашата судбина на раѓање од 18-42 години

Јасновитка, дозволете да помогнам и пронајдете се себеси, изгубени сте!

28 јануари 2011 - 00:00