Полека (мор' полека) со ботаничкиот „сексизам“

Понекогаш знаеме да заглавиме до доцна во ноќта обидувајќи се да лоцираме цитат и извор на некое тврдење. Така, од стенд-ап комедија стигнавме до такво кое вели дека причината за порастот на алергии на полен по американските градови се должи на садењето само на машки садници. За ова наводно е виновен човек со име и презиме што го предложил истото, а што потоа станало државна политика. Хм...

Хана Ајнбиндер е актерка која стана особено популарна по улогата на Ава Денијелс во „Измамници“ (Hacks) - серија за повозрасна стендап комичарка и нејзина помлада асистентка, која по премиерата во 2021 доби еден куп награди меѓу кои и Златен глобус во својата категорија. 

Во свој нов стенд-ап достапен на ХБО, „Голема распродажба“ (Everything Must Go), во кој се загледавме откако ја завршивме „Измамници“, таа зборува за својот АДХД, капитализмот и - машките дрвја. 

Во 1949, вели во еден скеч таа, човек по име Алфред Стеферуд напишал статија во стручното списание на Американската агенција за земјоделие (тоа ќе му дојде како наше Министерство), во кое предложил градските планери да садат исклучиво машки дрвја, бидејќи женските правеле „ѓубре“ со тоа семките и плодовите. Ваквото систематско исклучување на женските дрвја довело до неверојатен пораст на алергии од полен. „Зборувајте ми за токсична машкост“ - вели таа, нудејќи едноставно решение на проблемот - да се исечат сите градски машки дрвја, кои меѓу другото подземно комуницираат меѓусебе и звучат како“„подкаст на Џо Роган“. “Kill them!“, завршува таа, со громогласен аплауз од публиката.

Ок, кој е тој Стеферуд?

Википедија страница за него нема, ама има податок дека тој навистина бил УРЕДНИК на број посветен на дрвја на спомнатото списание од 1949 (не и автор на конкретниот цитат). Неговото име се среќава во понови текстови поврзани со извесен Том Огрен, „автор, говорник, консултант и магистер по земјоделие“, кој го има воведено терминот „ботанички сексизам“ и ја има создадено тн. Огренова скала на растителни алергии. Се заинтересирал за темава затоа што неговата сопруга страдала од тешки алергии, при што забележал дека голем дел од дрвјата во нивната околина се исклучиво машки (=полен). Но ниту зборникот на првиот, ниту советите на вториот, не се „од мајка“ сексистички. Тие просто укажуваат на тоа дека за некои видови дрвја и воопшто растенија треба да се внимава дали се машки или женски, поради различните својства кои можат да му штетат на човечкото здравје и/или да имаат несакани последици по градската инфраструктура и при нивно планско садење да се земат предвид сите консеквенци од фаворизирање на едното наспроти другото. Нешто како кај нас секоја година муабетот со тополите и липите.

На пример, на страна 66 од списанието од 1949-та се вели дека северноамериканската црна топола (cottonwood), што произведува иста онаква „волна“ или памук што го опкружува семето и се шири на ветер, било широко распространето во времето на раните доселеници низ Америка. Но дека со оглед на неговите карактеристики (подложно на болести, слаба сенка) кога е во прашање садење во град треба да се бираат само МАШКИ дрвја, за да се одбегне маката со тоа „пуфките“ кои ги испуштаат женските садници. 

Од друга страна (стр. 68), кога станува збор за растението алиантус (или „рајско дрво“) кое живее многу подолго, е поиздржливо па дури и на градски чад и прашина, тогаш треба да се садат само ЖЕНСКИ примероци затоа што цветот на машките има лош мирис а поленот кој би го испуштале предизвикува дишни потешкотии, то ест алергија. 

И да, ова е ботанички сексизам, иако треба да се има предвид дека постојат и дрвја кои се истовремено и машки и женски, а исто така можат да имаат негативни својства по човекот. И да, лошо е ако се фаворизира само еден „пол“ дрвја во однос на другиот, без да се земе предвид конкретната локација и потенцијалните последици. Ама да се прогласи ова за свесен сексизам и да се повикува на убивање на машките дрвја? Тоа веќе звучи како малку поопасна метафора. И не е смешно.

5 август 2025 - 12:15