Холивуд има нов скандал - измамници што тврдат дека се кастинг директори

Најкласични измамници што бескрајно потсетуваат на нешто што би се нашло кај нас, лажат млади, надежни актери дека добиваат улоги - ама прво да уплатат некои пари.

Се претставуваат како познати холивудски кастинг директори и им нудат на млади актери наводни улоги во големи телевизиски и филмски продукции.

Меѓу жртвите на обидите за измама е и 24-годишната актерка Изабела Шауб од Њујорк - добила порака од лице кое се претставувало како Линда Лоуи, кастинг директорка позната по работа на серии како Grey’s Anatomy, Friday Night Lights и Scandal. По неколку електронски пораки и аудиција снимена на видео, на Шауб ѝ било соопштено дека добила улога во серијата Hacks - ама! За да ја прифати улогата, требало да стане член на актерскиот синдикат SAG-AFTRA и да плати членарина од 3.000 долари. Кога се обратила директно до синдикатот за проверка, добила потврда дека комуникацијата била лажна.

И не е само таа.

Од Холивуд Репортер направиле истрага и откриле дека во последните месеци измамници се претставувале како повеќе познати кастинг директори, меѓу кои Ави Кауфман, Кармен Куба, Марџери Симкин и Џ.Џ. Огилви. Вообичаената шема започнува со порака преку мејл или социјални мрежи, во која актерот се кани да испрати фотографија, биографија или видео-аудиција. По неколку чекори следуваат позитивни коментари, ветување за улога и на крај барање за плаќање различни такси.

Експертите посочуваат дека измамата е особено убедлива затоа што го имитира реалниот процес на кастинг. Измамниците не се ограничуваат само на испраќање масовни пораки, туку бараат аудиции, даваат повратни информации за настапите и создаваат впечаток на професионална комуникација. Дел од пораките се внимателно напишани, без правописни грешки, со логоа, формулари и линкови кои изгледаат легитимно. Во некои случаи биле користени и гласовни пораки кои звучеле како вистинските кастинг директори да им зборуваат, што предизвика сомнежи дека се користат алатки за вештачка интелигенција за имитација на глас. На пример, кастинг директорката Марџери Симкин изјавила дека била шокирана кога слушнала аудио снимка во која нејзиниот глас бил верно имитиран. Други професионалци од индустријата велат дека речиси секојдневно добиваат пораки од актери кои проверуваат дали одредена понуда е вистинска.

Иако засега нема јасни податоци колку луѓе навистина изгубиле пари, експертите предупредуваат дека ваквите измами веројатно се поуспешни отколку што изгледа, затоа што голем дел од жртвите никогаш не ги пријавуваат случаите поради срам или страв дека ќе бидат сметани за наивни.

Според аналитичарите за сајбер-криминал, филмската индустрија е особено погодна за вакви измами, затоа што илјадници млади актери се обидуваат да добијат улога, а желбата за успех често ги прави поподготвени да ги игнорираат предупредувачките знаци.

Со развојот на генеративната вештачка интелигенција ваквите измами би можеле да станат уште пософистицирани. Доколку досега биле доволни лажни електронски адреси и убедливи пораки, во иднина измамниците ќе можат да користат и реалистични гласови, видеа и дигитални идентитети, што дополнително ќе ја отежни проверката на нивната автентичност.

9 јуни 2026 - 11:05