
Долго време, да си зафатен беше статусен симбол. „Бизнисмени“ се фалеа дека спијат само по четири часа, а инфлуенсери за продуктивност полнеа социјални мрежи со утрински рутини што почнуваат пред да изгрее сонцето. Да „се доработуваш“ значеше дека си амбициозен, да работиш за викенд значеше дека си посветен, не дека си глуп.
Денес, фала богу доаѓа малку поинаков тренд. Низ сите индустрии и земји, работниците тивко ја отфрлаат идејата дека успехот бара постојана продуктивност. Не дека гледаме штрајкови и масовни протести - ова работничко востание се случува со мали, индивидуални одлуки - одбиваш да работиш прекувремено, го штитиш слободното време, го отфрлаш притосокот да го монетизираш секое хоби што го имаш и даваш приоритет на општото здравје, наместо постојано забрзување на кариерата.
Експертите велат дека оваа промена го рефлектира препознавањето на ограничувањата на „хасл“ културата. Според некои истражувања, младите денес работат помалку часови од пред пандемијата, а загриженоста за прегорувањето е сѐ уште присутна - вработени кои прегоруваат имаат и поголема тенденција да даваат откази и да бараат нови работи.

Отпорот и бесот се чувствуваат низ целиот свет - во Исланд, Белгија, Велика Британија, Австралија и делови од САД се спроведуваат експерименти со пократка работна недела, кои покажале дека на крај вработените се ментално поздрави, наспани, непрегорени и продуктивни. А самиот интерес за пократка работна недела рефлектира пошироко културно прашање: колку всушност мора да ни се врти животот околу работата?
Одговорот веќе се менува - после финансиски кризи, пандемија, сѐ поголеми трошоци за живот и економска несигурност, многумина веќе се прашуваат дали се гадно прелажани со ветувањето дека трудот неизбежно води кон просперитет. Новата аспирација не е баш да се работи помалку, туку поинаку. Успехот сѐ повеќе се мери во автономија, флексибилност, здравје и слободно време, наместо во приход и унапредувања.
Едноставно е - луѓето не се спремни да гинат за работа како порано. Имаат попаметни работи за правење.