Зошто чуваме облека од некои застарени верзии од себе?

Дали вака правите, зошто да, и колку вакви работи имате во плакар?

Мора да има барем едно парче облека од кое ви е тешко да се одвоите. И ако е едно, нека го - не е дојдено до неговиот простор. Ама кога се десетина? Дваесет? Триесет?

Некогаш е фустан од некој важен период, или фармерки што некогаш совршено ни стоеле, палто купено за работа што повеќе ја немаме или чевли што ги поврзуваме со одредена верзија од сопствениот живот. Облеката има необична способност да ги зачува нашите лични приказни. За разлика од фотографиите, кои го документираат минатото од дистанца, алиштата се нешто што било во непосреден контакт со нашето тело и  одредени парчиња можат да предизвикаат многу конкретни сеќавања, поврзани со луѓе, места и чувства.

Но, не ја чуваме само облеката што нè потсетува на минатото. Понекогаш ги задржуваме и парчињата што ги купуваме за животот што замислуваме дека ќе го имаме. Елегантен костум за некоја поамбициозна професионална верзија од себе, свечен фустан за прилики што ретко се случуваат или облека во број што се надеваме повторно ќе го носиме. Психолошки гледано, ваквите предмети можат да функционираат како симболи на идентитетот и разделувањето од нив понекогаш изгледа како откажување од можност, спомен или дел од личната историја.

Токму затоа расчистувањето на гардеробата не е секогаш едноставна организациска задача и одлуката дали нешто ќе остане во плакарот одеднаш отвара прашања за возраст, тело, професија, односи и очекувања што сме ги имале од себе. Следна сцена - седиш меѓу куп алишта на кревет и доживуваш егзистенцијална криза.

На крај, пробајте да се изборите со тоа упорно чувство дека „мора да се фрла“. Облеката може да има сентиментална вредност, исто како книгите, писмата или фотографиите. Проблемот се јавува кога плакарот станува складиште на очекувања што повеќе не ни одговараат.

Сега има и опција за изнајмување магацини, инаку, ако ви се смачи од егзистенцијални кризи пред плакар. Шала на страна, ажурирајте ја последната верзија од себе и нека одговара плакарот.

16 ноември 2026 - 08:33