Постојат херои кои имале свои мани, какви што се Линколн, Мартин Лутер Кинг, Ганди.... А постојат и монструми, моќни луѓе кои го раскинаа светот со трагедии. Адолф Хитлер, сигурно, но и неговиот непријател, Винстон Черчил, исто така“, пишува Шри Парадкар за The Star.
Таа упатува на фељтонот „Сеќавање на заборавениот холокауст на Индија“ во кој се документира Черчиловата улога во бенгалската глад во 1943 година која покоси околу три милиони луѓе.
Коренот на таа трагедија за историчарите недвосмислено води кон Винстон Черчил кој донесува одлука целата издашна жетва од Бенгал да се собере и да се носи во Британија. Кога локалците почнуваат да гладуваат, одбива да им прати храна. Одбива и да дозволи пренасочување на помошта од храна која доаѓа од Австралија. Одбива да дозволи 10.000 тони ориз од Канада да заврши во Индија, исто како што тоа не го дозволува и за 100.000 ориз понудени од САД.
„Индијците сами се виновни за гладта бидејќи се котат како зајаци“ им вели Винстон Черчил на членовите на неговиот воен кабинет, тврди Парадкар.
Историчарката Мадхурсе Мукерџи која се има занимавано со оваа тема пишува дека родителите ги фрлале во реки своите прегладнети деца, а многумина сами си го одземале животот фрлајќи се под возови. И тоа се случува додека стотици илјади Индијци рамо до рамо се борат со Сојузниците.
Парадкар вели дека не може да се сокријат ни десетиците илјади Кенијци кои беа собрани во концентрациони логори наречени „Британски гулази“ во кои, по негова команда, биле мачени и убивани затоа што се побуниле против британскиот колонијализам. А не ги заборава ни партизаните во Грција и неговата улога во егзодусот, за што ние пишувавме во статијата „Како Черчил ги издаде грчките партизани и Егејците“.
Черчил обезбедува свое влијание врз тоа како историјата ќе го памети со неговата биографија во шест тома и прилично успева во тоа па денес Запад на него гледа како на генијален воен лидер, забавен пијаница и вешт говорник.
„Би сакал да му салутирам на сер Винстон Черчил за неговото величествено друштво во она што може да се опише како неверојатно патување“, ќе рече Гери Олдман подигнувајќи го Оскарот за својата ролја во филмот за британскиот државник.
„Салутирам. Сер. Величествено. Неверојатно.“ не може да се изначуди Шри Парадкар.
Бришењето на злосторствата на Винстон Черчил ги прави неговите жртви безначајни а нивните животи невредни за спомнување, сведувајќи ја нивната смрт на банална историска фуснота, пишува таа.