Нова машина чита мисли и ги претвора во зборови

Уред поврзан со моторникот кортекс во мозокот овозможил читање на мисли во реално време со неверојатно висока прецизност од над 70%. Вграден кај парализирани лица, со тек на време учи да ги препознава сигналите испратени до мускулите од говорниот апарат и да ги преведува во зборови. Овозможил комуникација со 120 зборови во минута и го проширил речникот на 125.000.

Надградена мозочна протеза им овозможува на парализирани лица да комуницираат со околината читајќи ги нивните мисли. Ја користи претходната технологија, која од лицата барала да се напрегаат за да ги артикулиираат своите мисли. 

Првите обиди за да се овозможи ова биле мачни и бавни. Пред триесетина години францускиот новинар Жан-Доминик Боби, целосно парализиран по мозочен удар, успеал да напише цела книга за своите искуства трепкајќи со левото око – буква по буква - додека помошник постојано му ја рецитирал азбуката. Подоцна беа направени уреди што овозможуваа со ситни мускулни движења да се избере некој од зборовите прикажани на екран, што беше највпечатливо во примерот на Стивен Хокинг.

Новиот систем се потпира на технологијата на толкување на „обидите за говор“. Користи сензори вградени во мозочниот моторен кортекс, кој испраќа команди за движење до вокалниот тракт. Сигналите го хранат моделот за машинско учење, кој препознава која комбинација соодветствува на кој глас и врз основа на искуство предвидува кој збор корисникот се обидува да го каже. Моторниот кортекс со послаб интензитет се активира дури и при замисленото изразување.

Ова го искористиле истражувачите од Универзитетот Стенфорд кога проучувале три лица со амиотрофична латерална склероза (ALS) и едно со мозочен удар на мозочното стебло. Сите веќе имале вградени сензори што реагираат на напрегање да се изговори збор. Биле поврзани на новиот систем и од нив се барало само да смислат реченица, без да се напрегаат да ја кажат.

Додека со претходните декодери биле ограничени на само на неколку зборови, новиот уред им го проширил речникот на 125.000. Можеле без поголем напор да комуницираат со удобна разговорна брзина од околу 120 до 150 зборови во минута.

Физичкиот обид за зборување е заморен и има и вродени ограничувања на брзината. Од корисниците се бара да вдишуваат како всушност да кажуваат зборови. Поради нарушено дишење многумина давале расеани звуци. Нашата цел беше да направиме систем што е удобен за користење, вели водечката авторка на истражувањето, Ерин Кунц од Стенфорд.

Со технологијата се управува претпазливо, за да не се дозволи злоупотребување - да се читаат мисли на парализирани лица дури и кога тие не знаат или не сакаат. За да се осигурат дека приватните мисли ќе останат приватни, истражувачите ја дефинирале фразата „чити-чити-банг-банг“ како код за запирање на понатамошната комуникација.

20 август 2025 - 13:15