* текстот е преземен од сајтот mkd.mk
Драга Ружо. Сега кај тебе во Скопје е сабајле, а овде кај мене допрва доаѓа време за спиење. Денов го поминав така што ја читав и ја препрочитував твојата колумна за Трендо. Би се потпишал зад секој твој став искажан во неа – ама понешто би сакал и да додадам, па ти види дали е за објавување.
Да, у право си: со Трендо светот е повесел. На еден врло заебан начин. Ти текнуе кога пред едно 5-6 години работев со еден стар продуцент што ненадејно се разболе и заврши во болница? Бев искрено загрижен и за проектот и за човекот, кој од улица кај себе дома ме имаше прибрано, а ти и Трендо ме викнавте на пиво ѓоа за да ме утешите. Доаѓам, и баџото почнува да ме мести дека вашиве новинари на интернет нашле информација дека старката скинал конци. Јас сиот потресен си гушнав столче, по што тури пијачки започнаа да се редат ко на филмска лента: вие нарачавте прва тура за бог-да-го-прости, втората ја нарачав јас, на третата не издржавте и ми признавте дека ме местите, четвртата ја испивме со громогласно кљафтење... Разни злобници тврдат дека некаде при петтата тура сум го полеал Трендо со пиво, ама тој дел од филмот не ми е развиен.
Некој би рекол: малце морбидна смисла за хумор... Ама чекај, не е тоа сè!
Две години потоа татко ми го стрефи инфаркт. Купив билет за првиот можен лет натака, ама стигнав таман на време за последен пат да го видам во капела. Го погребавме човекот, а потоа заседнавме во меана, каде што со Трендо се простувавме од покојникот со слоганот: „Умро Пантелија!". Тоа дека татко ми го сакав ко ниту еден друг човек на светот, знаеш и самата. Тоа дека Трендо го сакаше ко нему да му е татко, а не мене – знаеш и тоа. А ете, наместо да пуштаме солзи, ние седевме и пак се кљафтевме. Такви луѓе сме, паганска сорта: порадо би ѝ се смееле на смртта в лице правејќи соблазнителни шеги, отколку што би свиткале кичма пред неа, клекнати пред некоја надгробна плоча во Бутел.
Некој од ваквиот филозофски пристап можеби и би се згрозил... Ама чекај – има уште!
Во исти такви меани се збиравме и кога вие двајца се враќавте од парастоси на другар ви Даниел. „Од гробишта не се оди дома", вели скопската поговорка, па се трудевме со ракија и смеа да ја истерате тагата по драгиот пријател.
Во слична меана со Трендо отидовме и кога моја Јасна едвај глава спаси на операциска сала во Загреб. И пак со заебанција го бркавме ѓаволот.
Е сега, читам некои загрижени граѓани што по Фејсбук коментираат: да, но треба да се има усул, не е сè за смеа... А простете ми, граждани красиви, што па вас ве заболе Цацко како ние се справуваме со сопствените емоции, како си ја лечиме тагата, како си го победуваме стравот, како си се храбриме и тешиме дека животот е убав дури и кога го поминуваш во жална Македонија? Особено кога тоа го правиме на наша маса со наше друштво или по смс-пораки со наши пријатели?
Претпоставувам дека тука некаде би требало да заврши приказната за Трендо, гачките што си ги прават со Теменугов, нивниот црн хумор за погибијата на Младенов, трапавите формулации на другар им Иво и сеирот на до срж кварната Гоца.
Арно ама – има уште, да му се невиди!
Во последно време нема седмица да помине, а да не прочитам некој ревносен јакобинец како го обвинува Трендо за сè и сешто: од Берта, која паѓа во транс дека баџото е Ина Многуфина, преку разни ноубадис (не анонимуси, туку апла ноубадис: луѓе без трошка биографија) кои ги нервира неговото незаземање страна во актуелните двобои изминативе 9 години, па сè до дисбалансираните Коља Мрак и Саше Политико, кои го напаѓаат дека е колаборационист и платеник на режимот.
За Берта не би да коментирам, пошто после ни со мистрија нема да можам да ја одлепам од мојот фејсбук и имејл-инбокс.
Не би да коментирам ни за другите двајца пациенти, пошто мислам дека ним не им е потребен коментар, туку дијагноза од стручно лице.
Али нешто би да кажам за овие „ангажираниве".
Видете, дечки: на времето Трендо има напишано ангажирани колумни колку што вие имате сменето гаќи и чорапи. И пошто го знам бајаги одамна, му ги знам сите фази низ кои помина: и онаа младешки ентузијастичната, и онаа стриктно професионалната, и онаа во која веќе му се гадеше од стварноста во која сме вечно осудени да бираме помеѓу Курто и Мурто. И се повлече оттаму во сосема други води, со желба да создаде свој виртуелен простор незагаден од (јебига) доминантната стварност. И упорно се обидуваше (прво со он.нет, а потоа и преку офф.нет) на тој простор да докаже дека во животот постојат теми и муабети во кои ни Бранко, ни Љубчо, ни Грујо не можат да продрат. И издржа така долги години. И не е баш дека не објавувал критички настроени содржини што други ги потпишувале (Никос Чаусидис, Александар Поповски итн.), но самиот не сакал никогаш повеќе да влезе во тој ринг.
Деновиве, кога температурата е крената до точка на вриење и адреналинот е до даска нашибан, таквиот виртуелен простор тешко некому да е потребен. Напротив, тој е ничив: на властодршциве им оди на живци што и тоа парче територија не е нивно, а на протестантите им е туѓ затоа што не е од нивна. Првите одамна загубија компас, така што не вредат рационален муабет. Овие вториве делумно и би можел да ги разберам: стојат на барикади, очекувајќи ја преторијанската гарда на #Ж-МВРО во секој момент крвожедно да им се џитне за од нив да направи флека на асфалтот. Во таквата шаховска ситуација, сè што не е црна или бела фигура им пречи на играчите.
Арно ама, токму за тие сиви, сини, кафеави, беж-зелени и љаљ-розеви нијанси и се води оваа битка. За правото женските на своите дечковци да им праќаат голи фотки по мобилен без да завршат во колекцијата на братучедон. За правото студентине да кажат дека ружна им е Владата без да бидат прогласени за предавници и странски платеници. За правото на родителите да ги поддржат своите деца без да се плашат дека ќе останат без работа. За правото на хомосексуалците да си се сакаат без да јадат ќотек. За правото на атеистите да не бидат малтретирани со поздравот „Христос воскресе" секој Велигден. За правото на Албанците да си веат свое знаме кај сакаат и кога сакаат. За правото на некои Македонци што сметаат дека треба да се направи компромис со името. За правото на други Македонци што сметаат дека не треба да се менува името. За правото на сдсмовците повеќе да не бидат нарекувани „комуњари". За правото на вмровците да си останат вмровци и кога сево ова ќе заврши. За правото во парни денови да си го тераме на лева, а во непарни денови на десна страна – без никој да ни брца во гаќите за да провери дали го држиме вистинскиот курс.
Ружо, ти текнува еднаш кога се запивме во Дебар Маало, па се раскаравме кој на која политичка опција ѝ припаѓа? Јас реков дека сум левичар, а ти ми срипа со тезата дека нема шанси да сум левичар со таков антагонизам кон комунистичката идеологија. Јас ти реков дека ти си десничар, а ти фати да се браниш дека не може да е десничар некој што го сака Тито. На крај му се свртевме на Трендо да каже што е тој, а баџото одговори: „Јас сум либертаријанец. Се залагам за правото секој да прави тоа што му чини, без вие двајца да му се качувате на глава со вашите етикетирања!".
Ете, во име на тоа Трендово право, и во името на сите погоре наведени права, и во името на сите права што не ми ни текнуваат, јас те поддржувам, Ружо, во твоите попладневни прошетки пред институциите што власта, и правно и физички, ги открадна од граѓаните.
И на Трендо му давам право да има право да ти се придружи, ако сака. Или пак да ти пушта смс-пораки од „Лајка", заебавајќи те за нозете што најрадо би си ги отшрафила по толку пешачење.
И себеси си го задржувам своето со Устав загарантирано право Трендо да го полевам со пиво секојпат кога ќе ми докурчи.
Држ'те се, другари!
Дарко Митревски - Карабаџанак