
Доналд Трамп не штедеше љубезност за домаќините кога неодамна го посети теренот за голф во Шкотска, но немаше пофални зборови за градоначалникот на Лондон. Изјави дека Садик Кан е „гадна личност“ и дека направил „ужасна работа во Лондон“, алудирајќи на етничката и верска разновидност.
Лабуристичкиот градоначалник оцени дека ваквите забелешки воопшто не го загрижуваат, но гостувајќи на шоуто Политичка партија со комичарот Мет Форд, му возврати на американскиот претседател.
Некој што има ставови како него за Црнците, за жените, за гејовите, за муслиманите, за Мексиканците, мисли дека сум гаден. Навистина. Тој е лидер на слободниот свет, веројатно најмоќниот човек во светот, изјави Кан.
Тој наведе статистички податоци дека од средината на јануари годинава - кога Трамп се врати во Белата куќа, па заклучно со јули, имало рекорден број Американци што аплицирале за британско државјанство и кои се преселиле во Лондон и духовито забележа: „Значи, Американците имаат добар вкус“.
Тој го обвини Трамп дека со критиките за малцинствата и за разновидноста на Лондон сака да поттикне културна војна, но го предупреди дека со тоа може да предизвика несакани последици.
Разновидноста е силна страна на нашиот главен град, а не слабост. Мислам дека нè прави посилни, а не послаби, побогати, а не посиромашни. И кога претседателот Трамп кажува нешто, тоа го носи од периферијата кон мејнстримот, наметнува ставови што се потенцијално опасни. Нема да сугерирам дека тоа го прави намерно, но ненамерно може да ги радикализира луѓето и да ги наведе на опасни работи. Не можеме да избегаме од фактот дека постојат некои навистина сериозни предизвици со кои се соочуваме како западно општество. Претседателот Трамп не се покажа како сила за добро – предупреди градоначалникот.
Кан изрази надеж дека ќе се сретне лично со Трамп кога претседателот на САД во септември ќе дојде во државна посета на Британија.
Убеден сум дека претседателот Трамп го изградил својот став за муслиманите врз основа на акциите на мало малцинство од навистина лоши луѓе, кои се терористи и го користат исламот во извртена форма. Би сакал Трамп да знае дека тоа е многу мал дел од муслиманите на планетата. Затоа, ако имам можност да се сретнам со него, би бил повеќе од среќен, изјави Кан.