Денес директорите на телевизиите се плашат само од еден звук. Чук, чук, кој е? Нетфликс пред врата. Нетфликс УХХХХХ! Нетфрликс пристигна во 130 земји од светот вклучително и во Сомалија и во Србија. Чудо на глобалната цивилизација. Што ќе биде сега со кабловската, земската и останатите телевизии кои треперат поради рејтингот, му се поклонуваат на маркетингот и зазираат од Нилсен? Немам појма. И не би сакала да бидам на нивно место, како што веќе спомнав. Затоа што нив ги чека - Тв-тека. Музеј, архива, библиотека. Затоа што никогаш повеќе ништо нема да биде исто, како во онаа песна, „Авустине, драги-мили, сè мина, се згина"...И гледачите и рејтинзите и тие од маркетинг и буџетите и програмите. Да сум јас, не дај боже, некој директор на некоја телевизија, сега би се спакувала и би побегнала без трага. Право во Амазон.
И во Америка завладеа паника затоа што Нетфликс објави дека неговите програми (како Наркос) наскоро ќе имаат повеќе гледачи од Игра на тронови, а дека таканаречените земски телевизии (па и кабловските) одамна се оставени да голтаат прашина која галопирачкиот Нетфликс ја остава зад себе (или што би рекле Америте to bite the dust). Претставниците на NBC и Фокс, а и на другите не-стримери се бунат што Нетфликс не ги објавува рејтинзите на своите поединечни серии и програми. Но Нетфликс не е во бизнисот со рејтинзи. Него рејтинзите не го интересираат. Не го интересира ни демографијата, знаете она славното 18-49 старосна група над која, што се однесува до огласувачите, сите останати се мртви души. Тие кажуваат дека нив тоа совршено не ги интересира, ниту пак се оптоваруваат со тоа која целна група ги гледа. Тие прават квалитетни програми и за мали целни групи, затоа што нив баш им е гајле колку луѓе во секој поединечен момент поединечно ги гледа. Ним е само битен бројот на претплатници. Затоа имаат совршена слобода да нудат разновидна програма, која привлекува најразлични сегменти публика. Затоа имаат можност да ги ангажираат сите поталентирани креатори на содржини, што го зголемува нивниот круг таленти, што зголемува квалитет на програми, заради што од ден во ден се зголемува бројот на претплатници, се шири светската претплатничка мрежа, што пак од друга страна ги зголемува приходите, заради што се зголемува сумата пари за програми заради чија што сè поголема понуда на сè поквалитетни и разновидни програми, заради што се зголемува бројот на претплатници, заради што се зголемува сумата пари за програми, итн, итн, итн.
За тоа време, директорите на таканаречените земски и кабловски телевизии уште живеат во добата на јура, то ест сè полудачки бркаат рејтинзи за да не ги избркаат оние што се рекламираат, а тие им бегаат затоа што гледачите, особено овие „живите" од 18-49 веќе не сакаат некој да ги заморува со реклами, не сакаат некој да им ги сецка сериите по епизоди, не сакаат некој да им одредува дека токму во четврток треба да седат дома за да видат кој е убиецот, не сакаат и не мораат. Затоа што имаат начин сето тоа да го гледаат и подоцна. Но подоцна нема реклами, то ест тие уредно се скокаат, значи тоа не се брои кај овие со парите кои се бркани од овие директори на земските Јура телевизии. Тешка ситуација. Тешко е кога си земјанец а се бориш со вонземјани кои те напаѓаат од безвоздушниот рекламен простор во кој слободно креативно се лета, неоптоварено од рејтинзи.
Секако, сето ова нема врска со нас, ќе речат овие наши удобно за-земјени ТВ директори, земјаци, далеку е тоа од нас. Кој кај нас воопшто има можност да стримува? Па кој воопшто има брз интернет? Па и да има, има ли Нетфликс титлови? И кому воопшто му е гајле за странски програми, покрај овие наши традиционално добри репризни серии кои делуваат толку блиско и препознатливо што не мораат речиси ни да се емитуваат, толку пати ги имаме прикажано на пример „Подобар живот", епизода 52, што гледачите ја стримуваат сами во главата. Каква врска има тоа со нас? Кому тука му е воопшто гајле за „Наркос"? И за гледање одеднаш од едно седење, таканаречено бинџување? Знаете на кој? Па на овие од 18-49. Овие што ви бегаат пред нос, што не знаат ни што се дава на вашите земски програми. И што им останува на овие сироти и бедни телевизиски директори земјаци? Па им остануваат оние што се секогаш дома. Децата од школска возраст и нивните баби кои главно ја минале границата која спаѓа во годиштето на „живи" (18-49) гледачи. И така нашите земски телевизии сè повеќе, сè побргу и сè поконзистентно од земски се претвораат во „бапски".
Сега е време, кога Нетфликс заигра и пред нашите врати, и нашите директори земјаци да сфатат дека единствената надеж им е во правење на многу попровокативни и поквалитетни програми кои ќе привлекуваат малку поквалитетна публика. Додека уште има пари. Затоа што парите доаѓаат од оние што се рекламираат. А такви наскоро никаде нема да има, затоа што нема да има ни гледачи, освен госпоѓи во години. Имено, голема заблуда е да веруваш дека телевизиите, па и весници, се во бизнис на продавање информации и програми. Тие се всушност во бизнисот на продавање број и годишта на гледачи. Затоа што оние што се рекламираат се интересираат само за тоа. Не им е ним многу гајле за квалитетот на програмата. Тие само гледаат на бројките и на магичното 18-49. И на платежната моќ на гледачите.
За разлика од земските телевизии, Нетфликс е исклучиво во бизнис на продажба на квалитетна програма и не е оптоварен со рејтинзи, затоа што не ги продава. Ним им е само важен бројот на претплатници. Нерамноправна е таа борба.
Па што им преостанува тогаш на земските телевизии сега кога и нам ни е Нетфликс пред врата? Па, им останува да ги засукаат ракавите, стратешки да се замислат, да ги ангажираат под итно најталентираните и најсмелите да им прават програми, да смислат понуди кои ниту еден огласувач не може да ги одбие, да прават емисии кои Нетфликс и сличните не можат да ги понудат, како директни преноси, ТВ настани, живи продукции, да имаат најдобри мини серии, маратонски серии, историски серии, трилер серии, живи ситкоми, тв настани, настани, настани, специјални емисии, специјално осмислени кампањи произлезени од контекст и контент, мораат да бидат креативни, проактивни, прогресивни, инвентивни, разновидни, неочекувани, да направат сè за што подолго да се задржат на нозе и што подолго да ги задржат пред своите екрани оние недофатливите додека не им исчезнат сосема во мрежата на Нетфликс и во лавиринтите на Амазон, додека уште не е доцна, додека не почне буквално да им гори под нозе. Да не биде после: „Додека селото гореше, бабата се чешлаше".