САД и Иран договорија рамка за крај на војната

По 106 дена војна и 38 најави од Доналд Трамп дека двете страни се близу до договор, САД и Иран конечно договорија рамка за крај на војната. Ситуацијата практично се враќа на онаа пред да почне војната, со разлика што ќе бидат укинати санкции за Техеран. Во меѓувреме загинаа над 7.000 луѓе, јужен Либан е срамнет со земја, а светот три и пол месеци остана без нафта и гас.

Вашингтон и Техеран веќе го потпишале „електронски“ Меморандумот за разбирање, а официјално ќе го парафираат на церемонија в петок во Женева. Прогласен е 60-дневен прекин на огнот што ги опфаќа и операциите на Израел против Хезболах во Либан. Во тој период треба целосно да биде деблокиран Ормускиот проток, а Иран ќе добие пристап до стотици милијарди долари од своите средства замрзнати во странство и право слободно да извезува нафта. 

Од рамката е изоставено само прашањето за нуклеарниот материјал на Иран, за кое ќе се преговара посебно во временската рамка од 60 дена. 
Иран во февруари веќе се согласи на големи нуклеарни отстапки, но преговорите што ги водеа Џаред Кушнер и Стив Виткоф се покажаа дека не биле искрени, туку параван да се добие време пред САД и Израел да го нападнат Иран. Се очекува дека иранските преговарачи, поучени од таа измама, овој пат ќе имаат построги барања.

Договорот со Исламската Република Иран сега е завршен. Честитки до сите! Со ова целосно го овластувам бесплатното отворање на Ормускиот теснец и, истовремено со ова, го овластувам итно отстранување на морнаричката блокада на САД. Бродови на светот, запалете ги вашите мотори. Нека тече нафтата!, напиша Трамп на Truth Social, претставувајќи го договорот како „победа“.

Нафтата слободно поминуваше низ Ормускиот проток и пред да ја почне војната на 28 февруари. Договорот всушност не им дава на САД ништо што немаа пред да ја почнат војната, а на Иран му дава значителни олеснувања на санкциите.

Иранските медиуми ги објавија 14-те клаузули од нацрт-договорот:

  • Санкциите врз иранската нафта, петрохемикалии и сродниот извоз ќе бидат суспендирани;
  • Иран ќе го врати целосниот пристап до своите финансиски ресурси;
  • 24 милијарди долари замрзнати ирански средства ќе бидат ослободени во текот на 60-дневниот преговарачки период;
  • 12 милијарди долари од тоа ќе бидат ослободени пред да почнат разговорите;
  • САД и нивните сојузници ќе мора да презентираат планови за реконструкција на Иран во вредност од најмалку 300 милијарди долари;
  • Војната ќе престане веднаш и трајно на сите фронтови, вклучително и на Либан;
  • САД ќе се обврзат на немешање во иранските работи и почитување на иранскиот суверенитет;
  • Морската блокада на САД ќе биде целосно укината во рок од 30 дена;
  • Американските сили ќе се повлечат од областите околу Иран;
  • Ормускиот теснец ќе биде повторно отворен во рок од 30 дена според иранските аранжмани;
  • Ќе започне 60-дневен преговарачки прозорец за постигнување конечен договор за нуклеарните прашања и целосно укинување на санкциите;
  • Иран ќе ја потврди својата посветеност да не произведува нуклеарно оружје;
  • САД ќе се согласат да не додаваат сили во регионот ниту да воведуваат нови санкции за време на преговорите;
  • Механизам за надзор ќе го следи спроведувањето, а секој конечен договор ќе биде одобрен со резолуција на Советот за безбедност на ОН.

Преговорите за траен мир, според извештаите, нема да почнат сè додека не се ослободат 12-те милијарди долари, не се суспендираат санкциите за нафта и не се укине блокадата.

Трамп не исполни ниту една од целите – дека ќе го собори режимот, ќе го остави Техеран без капацитет да развие нуклеарно оружје, без проектили и без влијание врз Хезболах и другите милиции што ги смета за закана за Израел и американските интереси во регионот. 

Најмногу жртви во 106-дневната војна претрпе Либан – најмалку 3.756 загинати луѓе, според Министерството за здравство, од кои повеќе од една половина цивили. Речиси исто толку луѓе се убиени во Иран. Американците загубија 13 војници, а Израел над 60 војници и цивили. 

Пентагон процени дека војната ги чинела САД 29 милијарди долари, но независни анализи укажуваат дека реалната економска штета е над 270 милијарди долари.

15 јуни 2026 - 07:33