САД финансирале експерименти со вируси во биолаборатории во над 30 земји

Директорката на разузнавањето на САД објави документи што ги потврдуваат сомневањата дека САД финансирале крајно ризични експерименти со најопасните вируси познати на човештвото во 120 биолаборатории низ светот, главно во Украина. Се истражувале стекнување функции кај вируси, и се проучувале антракс, туберкулоза, чума, ебола, МЕРС и САРС.

Од над 120 биолошки лаборатории во повеќе од 30 земји за кои е откриено дека биле финансирани од САД, дури 40 се во Украина, тврди директорката за национално разузнавање Тулси Габард. Таа додава дека продолжува истрагата за да бидат идентификувани сите лаборатории, да се открие дали се уште се активни и какви патогени содржат за да се спречи заканата што тие ја претставуваат за Американците и за целиот свет.

Многу од овие биолаборатории финансирани од САД моментално се занимаваат или претходно се занимавале со опасни истражувања за стекнување функција, со многу слаб надзор, тврди Габард.

Претседателот Доналд Трамп лани во мај потпиша извршна наредба со која забрани финансирање на експерименти со „стекнување функција“ со кои се зајакнуваат постоечки особини на организми или се стимулираат да развијат нови.

Опасните истражувања со години биле прикривани од моќни кругови во администрацијата на Џо Бајден, а сите предупредувања беа отфрлани како теорија на заговор. Кога самата Габард пред да стане директорка на разузнавањето предупредуваше дека САД финансирале биолаборатории во Украина, критичарите ја обвинија дека ги повторува наративите на Москва.

И покрај очигледниот потенцијал за катастрофални глобални последици што може да го имаат истражувањата за опасни патогени во биолабораториите, таканаречените здравствени професионалци како д-р Ентони Фаучи и тимот за национална безбедност на Бајден го лажеа американскиот народ и им се закануваа на оние што се обидоа да ја разоткријат вистината, порача Габард.

Во еден документ се наведува дека повеќе од 40 лаборатории во Херсон, во Одеса и во западна Украина добиле финансии од САД и чувале колекции на опасни бактерии и вируси, од кои некои датираат од советската ера.

Ветеринарна лабораторија во Харков добила финансии од Пентагон преку Програмата за намалување на биолошките закани. Во објектот се наоѓале стотици примероци од опасни патогени, вклучувајќи ја и бактеријата Brucella, која може да предизвика бруцелоза. Во документот се предупредува дека лабораторијата „може да стане цел на руските пропагандни напори или да биде оштетена, преземена или на друг начин да биде компромитирана за време на војната“.

Друг документ ја опишува мрежата што ги поврзува украинските лаборатории со владини агенции на САД, универзитети, истражувачки организации и приватни изведувачи. Главен изведувач била инженерската фирма „Блек енд Вич“. Американските даночни обврзници потрошиле помеѓу приближно 1,7 милиони и 3,5 милиони долари за лабораториски проекти.

Критичарите тврдат дека објектите биле дел од долготрајните напори за јавно здравје и намалување на заканите, дизајнирани да обезбедат опасни патогени и да спречат биолошка пролиферација, а не да функционираат како програми за биолошко оружје.

15 јуни 2026 - 09:37