Драг Петар,
Во брилијантната нова книга „21 лекција за 21 век“ на Јувал Ноа Харари, тој вели дека вештачката интелигенција, со нејзиниот неограничен потенцијал и можност за поврзување, ќе резултира со тоа што голем број човечки работни места ќе станат излишни. И ова звучи реално. Сепак, тој продолжува со тоа што вели дека вештачката интелигенција ќе биде способна да пишува подобри песни од луѓето. Тврди, и прости ми за поедноставувањето, дека ние слушаме песни затоа што тие прават да почувствуваме одредени нешта, па дека во иднина АI едноставно ќе може да го мапира индивидуалниот ум и да создаде песни кои се скроени исклучиво за нашитe сопствени специфични ментални алгоритми, кои можат да направат да го чувствуваме, со многу поголем интензитет и прецизност, она што сакаме. Ако сме тажни и сакаме да се чувствуваме среќно, едноставно ја пуштаме нам доделената AI среќна песна, и работата е завршена.
Сепак, не сум сигурен дека сите песни го права ова. Секако, слушаме музика за тие да направат да почувствуваме нешто - да сме среќни, тажни, секси, носталгични, возбудени или што и да е - но тоа не е сè. Она што прави една одлична песна е да почувствуваме восхит. И за ова има добра причина. Чувството на восхит е базирано на нашите ограничувања како човечки суштества. Тоа има врска со нашата храброст како Луѓе да посегнеме вон границите на нашиот потенцијал.
Сосема е можно АI да може да произведе песна исто толку добра колку и Smells Like Teеn Spirit на Нирвана, на пример, со тоа што би ги штиклирала сите елементи за таа песна да нè направи да се чувствуваме исто како и онаа на Нирвана - возбудено и бунтовно. Исто така е можно АI да е способна да произведе песна која ќе направи да ги чувствуваме истите нешта, нo уште поинтензивно отколку што тоа може да гo направи кој и да е човечки автор.
Нo не мислам дека кога ја слушаме Smells Like Teen Spirit тоа е единственoто што го слушаме. Се внесуваме во изолацијата и отуѓувањето кои ги доживува еден млад човек од малото американско гратче Абердин - момче кое по сите критериуми е симбол на дисфункционалност и човечко ограничување - и кој има храброст да ја урла својата специфична болка во микрофон и на тој начин, преку небесата, да допре до срцата на една цела генерација. Го слушаме и Иги Поп како во 1970 пее носен на раце од публиката и се мачка со путер од кикирики на сцената. Го слушаме Бетовен кога ја компонира Деветата додека е речиси целосно глув. Го слушаме Принс, тоа мало купче виолетови атоми, како пее на силниот дожд на Супер Боул додека ни го растура умот. Ги слушаме песните на Нина Симон, сиот нејзин бес и разочарување кои ги сочинуваат најнежните љубовни песни на сите времиња. Го слушаме Паганини како продолжува да го свири својот Страдивариус додека жиците се кинат. Го слушаме Џими Хендрикс како клечи и го пали сопствениот инструмент.
Она што го слушаме е човечката ограниченост и одважноста таа да се надмине. Вештачката интелигенција, со сиот нејзин безграничен потенцијал, едноставно го нема овој капацитет. И како би можела да го има? И ова е суштината на трансцеденцијата. Ако имаме неограничен потенцијал, тогаш што е тоа што би можеле да го надминеме? Оттаму, што е воопшто целта на имагинацијата? Музиката има способност да ги допре небесните сфери со врвовите на своите прсти, а восхитот и очуденоста кои ги чувствуваме се состои во очајната храброст на посегнувањето, и тоа не само заради резултатот. Каде е трансцедентниот сјај во бескрајниот потенцијал? Па така, за да ти одговорам на прашањето, Петар, АI би имала капацитет да напише добра песна, но не и сјајна. Едноставно, нема храброст за тоа.
Претохдно: Ник Кејв за тоа дека љубовта е тагување