„Минатите неколку години доживеав да умрат татко ми, сестра ми и мојата прва љубов. Како да имам некаква комуникација со нив, најчесто преку соништа. Тие ми помагаат. Дали ти и Сузи чувствувате дека вашиот син Артур е со вас и комуницира на истиот начин?“ - прашала Синтија од Шелбурн Фолс во САД.
Одговорот на Кејв:
Драга Синтија,
Ова е многу убаво прашање и благодарен сум што го постави.
Ми се чини дека ако сакаме, тогаш тагуваме. Тоа е договорот. Тоа е пактот. Тагата и љубовта се засекогаш поврзани. Тагата е ужасен потсетник на длабочината на нашата љубов и, исто како и љубовта, и таа е нешто околу кое не може да се преговара. Има една огромност во неа која ги надминува нашите ништожни јаства. Ние сме ситни, треперливи грстови атоми потиснати од восхитувачкото присуство на тагата. Таа го населува јадрото на нашето битие и се шири низ нашите прсти до границите на универзумот. Внатре во таа вртложна маса постојат секакви видови лудила; духови и посети во соништата, и сето останато што ние, во нашата мака, го претвораме во постоење. Ова се скапоцени дарови кои се исто толку вредни и реални колку што нам ни е потребно да бидат. Тие се духовните водичи кои ни го покажуваат патот вон мракот.
Го чувствувам присуството на син ми, секаде наоколу, но тој можеби не е таму. Го слушам како ми зборува, како ме советува, ме води, иако можеби не е таму. Постојано ја посетува Сузи во соништата, ѝ зборува, ја теши, но можеби не е таму. Смртната тага остава сјајни фантоми зад себе. Овие духови се идеи, во основа. Тие се будењето на нашите имагинации по несреќата. Како и идеите, овие духови укажуваат на можност.
Следи ги своите идеи, затоа што на другата страна од идејата постои промена и растеж и искупување. Создади ги своите духови. Повикувај ги. Посакај да се живи. Зборувај им. Токму нивните невозможни и призрачни раце се оние кои нè враќаат кон светот од коj сме исфрлени; сега подобри и незамисливо променети.
Претходно: Букбокс гледанка, за „Уште еднаш со чувство“