Букбокс гледаше

„Уште еднаш со чувство“ (One More Time With a Feeling, 2016)

Има еден момент во овој тежок но убав документарец, снимен откако Кејв го загуби синот Артур, во кој тој зборува за „еластичноста“ на времето по доживеана траума. Како да си врзан со гумена лента за трауматичното искуство, ја влечеш како што Сизиф го туркал каменот, но колку и да успеваш да се оддалечиш од него, во еден миг снеможуваш и лентата те катапултира назад. И потоа, од почеток. Филмот, и албумот на чиешто снимање е посветен, е такво ризично играње со катапултот на емоциите, при што секој си ја влече својата лента.

Нешто необично се случи по неодамнешниот концерт на Ник Кејв во Белград. Ниту еден од луѓето кои ги познавам не зборуваа/пишуваа за него како за културно-уметнички настан, низ вообичаените флоскули од типот „беше многу јако“ или „супер си поминавме“. Мачејќи се да најдат зборови за нешто што за оној кој не бил дел од приказната делува како мешавина на религиско искуство и психотерапија, тие повеќе опишуваа во какво расположение и животна ситуација влегле на концертот, и какви излегле од таму. Велат: „важно е да знаеш дека некој е способен да се справи со такви тежини“ и „концертот многу ми помогна“. Користат термини како „вистина“, „доверба“, „прочистување“, „единство“, „молитва“. Пишуваат: „Кејв ја прави публиката да е е едно големо, питомо животно со кое си игра со нежност“ и „уште ми се плаче“.

И мене ми се плачеше кога сфатив што сум пропуштила. Но за ова имам добро објаснување. Последниот албум на Кејв, Sceleton Tree, со месеци ми чмае во компјутер, недопрен. Документарецот посветен на неговото снимање, пуштан неколку пати, беше прекинуван по само неколку минути. Со годините човек почнува да калкулира колку е подготвен да оди во длабокото на сметка на секојдневната функционалност и психичка стабилност. Веројатно од таму и инаетот да се оди на концертот. Како што вели изрека закачена над мојата канцелариска маса - „Зошто толку сакаш да се просветлиш? Можеби нема да ти се допадне.“

Но сега веќе филмот мораше да се гледа. И да, и тој има терапевтски квалитет. За оние кои нешто или некого загубиле и се обидуваат повторно да си го најдат патот. За оние кои, како Кејв до сега, постојано флертуваат со идејата за смрт и празнина, надевајќи се дека така ќе го надмудрат злото. И за оние кои сакаат да разберат како изгледа креативен процес на човек кој низ него се обидува да ја воскресне својата верба во смисла.

„Уште еднаш со чувство“ е фрагментиран, црно-бел документарец на Ендрју Доминик, кој го следи снимањето на Skeleton Tree во студио во Брајтон, низ полуструктурирани разговори и патемно фатени коментари на Кејв и неговите соработници, прекрасни визуелни ефекти и изведби на цели песни. Всушност, снимањето на албумот е веќе започнато пред трагичниот инцидент, а ние присуствуваме на неговото довршување во сенката на тој настан. Атмосферата е парадоксална - од една страна изгледа како ништо да не е во ред, а од друга како сепак сè да е такво. Не постои ниту една реченица, на ниту еден од учесниците, која не е испресечена со „хмм“, „види сега..“, „овај..“, и со многу тишини. Кејв веќе не е сигурен во ништо, освен во тоа дека мора да преживее за да раскаже.

„Уметниците потајно посакуваат да доживеат некаква траума, за да имаат за што да пишуваат“, вели тој во еден момент, на некој начин изразувајќи го она што многумина го помислија по фаталниот пад на неговиот 15-годишен син од карпа под дејство на ЛСД - дека толку најавуваната смрт во неговите песни се претвори во самоостварено пророштво. Не животот ја имитира уметноста го имитира животот, туку смртта ја имитира уметноста ја имитира смртта.

Како и во последните албуми на Коен или на Боуви, и тука е очигледно дека уметникот комуницира со мртвите. Но за разлика од спомнатите кои се подготвуваа за својата сопствена смрт, Кејв се подготвува за живот како променет човек. Обично, вели тој во филмот, посакуваме само модификација на нашето јаство, такво кое би нè направило подобри верзии од нас. Ретко кој посакува да се разбуди како сосема друг човек. А траумата го предизвикува токму тоа - будење во сопствената кожа, со некој друг внатре. Ниту еден од елементите од претходната нарација не важи, потребна е нова која ќе ги состави кршениците и ќе ги зацели.

Тоа што Кејв преку овој филм ни дозволува да ја сведочиме неговата ранливост, и начинот на кој тој и неговата сопруга се справуваат со болката, веројатно е дел од тој процес. Но истовремено тоа е поука и инспирација, за тоа како достоинствено се поднесува трагедија. Во „Одисеја“ на Хомер се вели дека боговите доживуваат несреќи за идните генерации да имаат за што да пеат. Во моментов Кејв е тој Бог. А неговата песна е чин на истовремено помирување, и одмазда.

Илина Ј.

31 октомври 2017 - 09:54