Растен си во Скопје во 2000-тите, а од тинејџерски години си бил ди-џеј. Со која музика се формираше, и кои артисти и денес ти останале важни од тоа време?
Растејќи, слушав многу рап и соул музика. Некои од артистите кои имаат големо влијание на мене и до ден денес се Jay-Z, Biggie, Gang Starr, SAF, D’Angelo, Marvin Gaye, James Brown, DJ Premier, Kanye West, Dr Dre, Dipset итн.
Како ти влијаеше заминувањето во САД пред матурата, и како на млад човек, и како на музичар? Што е она што младите уметници (не само музичари) кои заминале од Македонија во клучните моменти на нивното формирање како личности го добиваат, а што е она што евентуално би можеле да го загубат?
Менe дефинитивно ми ги отвори очите сознанието за тоа колку реално големи можности има тука и колкава разновидност се нуди на секое поле. Видов дека ми одговара начинот на живот и дека тука е мојата иднина. Кога потоа продолжив на колеџ, исто така во САД, успеав да запознаам неколку клучни луѓе за мојот живот со кои соработувам и до денес. Тоа што многу млад живеев таму, ми дозволи да станам независен, да имам јака дисциплина, да се борам за себе и сфатив дека сите идеи што ги имам и целата моја визија можам да ја остварам тука. Мислам дека не можеш да изгубиш од живеење во странство, можеш само да добиеш.
Како ти изгледа домашната музичка сцена во однос на светската? Ако има квалитет, кој елемент плус (освен среќа) е оној што прави да се излезе од локални и регионални рамки? Дали е пресудно физичкото присуство во музички центри, каков што е на пример Лос Анѓелес, кадешто живееш?
Тешко е да се споредат македонската и балканската сцена, со американската. Америка го движи овој пазар и ги диктира повеќето трендови што потоа стануваат популарни насекаде во светот. Овде има сериозна и голема индустрија, додека кај нас тоа не е така поставено, ниту толку развиено. Секако, се работи и за многу помал маркет. Според мене, за да се пробиеш глобално, а доаѓајки од Македонија покрај квалитет и среќа мораш да си спремен на многу жртви, ризик и да, неспорно, предуслов е физички да се преселиш и да бидеш во местото каде што се случуваат работите.
Социјалните медиуми, менаџер итн., можат само до некаде да помогнат и придонесат во некои 15-20% од завршувањето на работата…ова јас го почувствував од прва рака. Конекциите да, тие се важен фактор во целиот пакет, но и до нив се доаѓа само со многу работа и упорност..а крајниот епилог од сето тоа е сепак квалитетен и оригинален продукт. Во моментов ЛА и Атланта се центарот во Америка. Во Европа, можеби Лондон за одредени работи.
Најактуелно е вклучувањето на песната Аbout That Time во изведба на THEY., продуцирана од твоја страна, во саундтракот на Нетфликс серијата Inventing Anna. Kaко се случи ова? Дали песната веќе постоеше и некој ја одбра, или е правена специјално за серијата?
Песната ние оригинално ја направивме за филмот “Space Jam 2”, но со тоа ништо не се случи. По неколку месеци ни јавија дека ќе биде вклучена во некоја серија на Netflix, но се уште не сакаа да кажат која. Ја држеа во тајност. При крајот на мината година дознавме дека се работи за серијата “Inventing Anna”.
Сега со групата THEY. го завршуваме новиот албум кој би требало да излезе оваа пролет.
И претходно си продуцирал музика за филмови и реклами. Дали имаш некоја посебна желба да работиш авторска музика за одреден режисер?
Јас сум голем фан на Тарантино, Ридли Скот, Спајк Ли, Гај Ричи, така што доколку би можел да направам песни за било кој од нивните филмови, би било многу јако.
Кога си во Скопје кои ти се омилени места за излегување и дали си мераклија за македонска храна?
Не сум бил подолг период во Скопје, но некои од омилените места за излегување ми се Синдикат, Кино Карпош, Локал 45…а за јадење, ги сакам и ми фалат ќебапчињата на Турист во Чаршија, пецивата од Фурна во Чаир, мезињата од Челик, а најмногу полнетите пиперки и ќофтиња на мајка ми.