„Сапиенс“ и „Хомо Деус“ на Јувал Ноа Харари до сега се имаат продадено во 12 милиони примероци на 45 јазици. Тие се прогласени за феномен, но и за симптом на еден поширок тренд на популарност на интелигентна, стимулативна научно-популарна литература, тн. „брејни букс“. Ваквите книги, за кои на прв поглед не се очекува дека ќе станат бестселери, затоа што подразбираат малку повеќе интелектуален напор од читање биографија за некоја актуелна славна личност, нудат детален и подлабок поглед кон различни прашања за кои другите медиуми не успеваат да понудат одговори. Или ги нудат на толку површен и збунувачки начин, што луѓето бараат засолниште во спокојот на книгите и во авторитативниот тон на (по)упатените во време на криза.
Во интервју за Гардијан по повод новата книга тој додуше признава дека успехот со претходните две книги, постојаните патувања и гостувања, го тераат да го повторува она што веќе го знае, а да има помалку време да истражува нови нешта. Само пред неколку години тој бил анонимен професор со специјалност средовековна историја, а неговата публика се состоела од петорица низ светот кои ги читале неговите статии. Се уште е шокиран што е во позиција да пишува нешто кое потенцијално би го читале милиони луѓе.
Новата книга всушност е настаната како резултат на прашања на негови читатели или на интервјуа, во кои од него се барало идеите во неговите претходни дела да ги поврзе со сегашноста. Иако се осврнува на голем број актуелни економски, политички и други глобални проблеми, сепак неговиот главен интерес е како човек да ја негува и одржува психолошката отпорност во однос на сето она што го опкружува, да го задржи здравиот разум и да може да ја оддели фикцијата од лагата. Негова лична стратегија е медитација, за која сепак вели дека не е магичен лек што ќе го спаси човештвото од сите зла.
На 27 септември Харари во живо ќе разговара со Натали Портман, која освен што е славна актерка има завршено психологија на Харвард. Овој настан (со претплата) ќе може да се следи на следниов линк
Извадок од новата книга на Харари, 21 лекција за 21 век тука
Претходно: Букбокс осврт за „Хомо Деус