За да стигне од само исправен на две нозе (еректус), до умен и свесен (сапиенс), на Човекот му биле потребни стотици илјади години. Преминот секако не се случил преку ноќ, но во еволутивна смисла времето и онака не се брои во денови и ноќи - огромни периоди се само трепнувања во големата слика.
Генерацијата која во моментов ја населува нашата планета го сведочи сопствениот премин во нова еволутивна фаза. За неа до сега немаше соодветно име, бидејќи и нејзините елементи не беа сосема јасни. „Ако претходниот беше умен, новиот ќе биде божествен“, вели Харари, трасирајќи го патот од Хомо сапиенс, кон Хомо деус.
„Прв пат во историјата повеќе луѓе умираат од прејаденост отколку од глад; поголем број умираат од старост отколку од заразни болести, и повеќе луѓе вршат самоубиство отколку што се убиени од војници, терористи и криминалци заедно“, вели тој, создавајќи ни необично чувство, целосно некомпатибилно со егзистенцијалниот ни сомнеж, дека живееме во свет кој можеби не е најдобриот од сите можни, но дефинитивно е најдобриот од сите досегашни.
Во таквиот свет смртта не е веќе метафизичка ставка, туку само технички проблем кој може и треба да се реши. Токму таа, бесмртноста, комбинирана со надградување на човечките ментални и други способности многу над она предвидено од биологијата, ќе го обележат веќе започнатиот милениум.
Но со ваквиот „план“ има неколку проблеми, и тоа прави сликата за иднината на Харари да изгледа повеќе како епизода од „Блек мирор“ (или на комбинација на сите епизоди). Во таа дистописка приказна, која најдобро може да се илустрира со нова верзија на „Создавањето на Адам“ на Микеланџело, новиот Човек се пресоздава самиот себеси, а новиот (вечен?) живот му го вдахнува технологијата и вештачката интелигенција, која самиот ја има развиено.
Тој така се „обоготворува“, но не во онаа смисла во која таквиот процес го подразбира на пример христијанската теологија. Неговата нова „религија“ е датаизмот - верувањето дека универзумот се состои од проток на податоци, и дека вредноста на кој и да е феномен или ентитет се одредува од неговиот придонес кон нивното процесирање. Во таквиот свет организмите се сведени на биохемиски алгоритми, што ја прави границата помеѓу живите суштества и машините порозна, со очекување дека електронските алгоритми некаде по пат целосно ќе ги дешифрираат, и надминат оние биолошките.
Низ тој процес датаизмот ја превртува на глава традиционалната пирамида на стекнување знаења. Во минатото податоците беа само првиот чекор во долгиот синџир на интелектуална активност. Тие служеа за луѓето да ги претворат „сувите“ податоци во информации, информациите во знаење, а знаењето во мудрост. Но протокот на податоци стана толку огромен и брз, што луѓето веќе не се во можност да го следат, а камоли да го промислуваат спомнатиот процес. Оттаму, електронските алгоритми, чиј капацитет во голема мерка го надминува оној на човечкиот мозок, се оние кои (ќе) ги процесираат податоците за нас.
Но тие не се заинтересирани за производство на човечко знаење. „Мудроста“ пак воопшто не е во игра, исто како и „среќата“. Електронските алгоритми се „студени“, немаат чувство за „идеологија“, „етика“ или „радост“. Тие се натпреваруваат само со други системи за процесирање податоци. Притоа не само што ги сметаат луѓето-поединци за дел од таа машинерија, туку такви се и цели заедници и општества, од бактерии до градови и држави. Несвесните но високо интелигентни алгоритми набргу ќе нè познаваат, и нас, и големата слика за нашите општества и светот во кој живееме, многу подобро отколку што се познаваме самите ние. Особено затоа што ќе нè натераат (со просто „кликни-ваму/кликни-таму“) ДОБРОВОЛНО да се откажеме од свесноста, за која се уште грчевито (и наивно) се држиме како за основа на човештината.
Што ќе се случи тогаш? Еден Господ знае. Оној кој ќе има доволно ресурси, мотив и време да учествува во градењето на новиот светски поредок, тој нов и храбар свет во кој човечката нееднаквост ќе биде правило, но не поради истите причини како во минатото.
Со векови богатите замислувале дека имаат супериорни вештини во однос на сите останати, но таа нивна доминација се должела само на неправичниот економски и правен систем. Па сепак, до 2100-тата, богатите ќе имаат шанса реално да бидат поталентирани, покреативни и поинтелигентни отколку оние кои живеат по гетата. Откако ваквиот јаз еднаш ќе биде отворен, неговото ширење веќе нема да може да се спречи. Внуците на тајкуните од Сицилиумската долина ќе можат да станат супериорна биолошка каста, која ќе ги контролира мастер-алгоритмите.
И, што сега? Како да се живее секој ден знаејќи дека на крајот (што и да се подразбира под „крај“) ништо што ќе направиме денес нема да има големо влијание врз ваквата, мрачна иднина? „Ако мислиме во месеци“, вели Харари на последната, 462-ра страница од книгата, тогаш треба да се фокусираме на непосредните проблеми, како Блискиот исток, бегалската криза во Европа, па дури и на помалите, локални предизвици. Ако мислиме во обем на децении, тогаш прашања околу кои можеме нешто да сториме се глобалното затоплување и растечката нееднаквост. Но освен ако не сме од големите играчи (а не сме), тогаш сето она што ќе се случува понатаму е една голема енигма, врз која тешко можеме да влијаеме.
Останува да си го проживееме овој живот човечки, најдобро што можеме, посакувајќи на следните генерации Луѓе-богови да нè спомнуваат по арно.
Илина, Букбокс