
Во текот на вековите, дизајнерите користеле стакло во везени додатоци, во висока мода, па и во венчаници. Денес, креациите на Оскар де ла Рента инспирирани од стаклените витражи на Тифани, предизвикуваат восхит на модните писти и црвениот тепих. Иако се направени од илјадници рачно обоени акрилни парчиња, ефектот на „скршено стакло“ е толку убедлив што тоа изгледа како вистинско (види го витражниот фустан со кој Деми Мур се појави на премиерата на „Супстанца“ во Лос Анѓелес).
Но, стаклото како моден додаток не е новитет. И мажи и жени го користеле со векови – не само во часовници и очила, туку и како евтина алтернатива на скапоцените камења. Стакленцата се поставувале на фолија за да блескаат при светлина на свеќи, но лесно се кршеле и се заматувале. Во Викторијанската ера се користеле мали стаклени зрнца за изработка на богати чантички, ракавици и други додатоци, а голем број од нив се сочувани во музејски колекции.
Стаклото било и материјал за експерименти: тенки стаклени влакна се вткајувале со свила за да се добие сјајна ткаенина што не ја оштетуваат молци или влага. Во 1840-тите се изработувале капи и облека од стакло, а во 1893-та Либеј глас компани прикажала фустан од стакло на Светската изложба во Чикаго, кој подоцна бил купен од шпанската принцеза Еулалија. Иако не била практична за секојдневна носење, стаклената облека станала спектакл на сцена и на филм.
Во 1928, актерката Алиса Вајт носела вечерен фустан од стакло во филмот „Ноти бејби“. Во 1930-тите, француската дизајнерка Ани Блат изработувала вечерни фустани плетени од стаклен конец, како моделите „Бел јоргован“ и „Шпански ноќи“.
По Втората светска војна, со развојот на технологијата, се појавува фиберглас – лесен, издржлив материјал што поттикнува нови обиди за стаклени ткаенини. Во 1947, на модна ревија биле прикажани пижами, долна облека и венчаници од стакло и коњско влакно. Но, и покрај ентузијазмот, овие материјали останале ограничени – биле премногу груби, кршливи и чувствителни на перење, најчесто користени во завеси и ентериери поради огноотпорноста.
Во 21 век, стаклото добива нова улога во авангардната мода. Александер Меквин создава корсет од стаклени плочки, обоени во црвено како крв, комбиниран со здолниште од пердуви. Хусеин Чалајан на ревија прикажува модели што си ги кршат „стаклените“ фустани со чекани. Холандската дизајнерка Ирис ван Херпeн користи рачно дувано стакло и 3D-печатен силикон за да направи облеки-скулптури што го истакнуваат и кријат телото истовремено.
Стаклото симболизира минливост, невидливост, но и човечка суета и ранливост. Како такво тоа ќе продолжи да инспирира нови генерации дизајнери.
Извор и повеќе фотографии од спомнатите модели тука