Прво нешто што правам е да се облечам за на аеродром. Се облекувам за обезбедувањето. Се облекувам за најлошото сценарио. Удобните чевли се важни - ги сакам Кларкс, затоа што брзо се соблекуваат и облекуваат, супер удобни се, можеш да ги убиеш од носење и евтини се.
Во рачниот багаж секогаш имам тетратка, жолти тефтерчиња, добри слушалици. Имодиумот (апчиња против дијареа) е важен. Неопходноста од имодиум сама ќе се си дојде, и не сакаш да бидеш без тоа. Секогаш носам лесна виндјакна на патент што може да се направи во перница ако треба да спијам на патос.
Во авион сакам да читам романи. Романите на многу начини се покорисни отколку прирачник за патување, затоа што ти ги кажуваат малите детали, чувство за тоа како мириса местото. Па затоа со себе го носам The Quiet American ако патувам за Виетнам.
Речиси и нема добра причина зошто да јадеш во авион. Никогаш нема да ти биде подобро по јадење во авион, отколку што ти било претходно. Никогаш не ги разбирам луѓето што ќе го изедат секој можен оброк на долгите летови. Многу е подобро да слеташ некаде и да бидеш гладен, па ако треба да јадеш и застарена улична храна, отколку да пристигнеш со надуен стомак, со гасови и мамурен. Затоа избегнувај храна од авион.
За мене еден од големите мераци кога патувам е добар водовод. Стварно уживам во туширање со добар притисок и неограничена количина на топла вода. Најдобро сценарио: јапонски тоалет.
Престанав да купувам сувенири. Првите неколку години купував накит или маички или рачно изработени работи. Сега ретко го правам тоа. Најголемиот дел од овие работи и онака доаѓа од истата фабрика во Тајван.
Најголемиот грабеж во светот се оние туристички ресторани-стапици, како што ги има на плоштадите во Рим или Венеција, градови во кои има прекрасна храна меѓутоа најголема е веројатноста дека на крај ќе завршите со лоша храна. Да си на некое место како Сајгон или Рим и да се најдеш некаде каде што служат лажна верзија на локалната кујна адаптирана за туристи е најлошото нешто.
Кога прв пат сум во некој град, се обидувам уште на почетокот на патувањето да отидам на главниот пазар. Таму сум уште во 6 наутро, кога луѓето купуваат за својот бизнис (ресторани, кафани, пиљари). Успеваш да видиш што купуваат луѓето и што всушност јадат. Обично има улични продавачи на храна кои се адаптирани исклучиво на локалците. Добиваш чувство за што е добар градот или државата, бидејќи тие го опслужуваат локалниот вкус.
Најдобар начин да дознаеш каде да јадеш во нов град е да направиш скандал на интернет. Посети неколку сајтови и форуми на луѓе заинтересирани за храна. Да речеме патуваш за Куала Лумпур - само објави на малезискиот борд дека неодамна си се вратил од таму и си го јадел најдоброто (тамошно локално јадење) на сите времиња, и дај го името на некој локален ресторан. Уште одма ќе бидеш бомбардиран со гневни одговори дека тоа место е срање и ќе добиеш одлични предлози каде всушност да го пробаш тоа што го сакаш.