Братот на Олдос Хаксли бил прв директор на УНЕСКО и - еугеничар

Џулијан С. Хаксли бил познат еволутивен биолог кој мислел дека еугениката е клучот за поеволуиран и хармоничен свет. Како со вакви ставови се нашол на чело на агенцијата на Обединетите нации и дали за него „еугеника“ значело исто она на што ни асоцира терминот денес?

По пустошењето на Втората светска војна, глобалните напори биле насочени кон воспоставување на нова хуманитарна визија за иднината на Земјата. Централно за оваа визија било основањето на Агенција за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) во 1945-та. Основачите на агенцијата се обиделе да промовираат космополитизам и меѓукултурна соработка за подобрување на влошените меѓународни односи. Тие се надевале дека агенцијата ќе стане светилник на мирот, соработката и човековото достоинство. 

Само имало еден мал проблем. Човекот ангажиран да ја води новоформираната институција бил - еугеничар.

Џулијан Сорел Хаксли бил роден во Лондон во 1887 година. Тој и неговиот брат Олдос Хаксли („Храбриот нов свет“) ги наследиле семејната љубов кон класиците и биологијата. Семејството било од средна класа и се соочувало со финансиски предизвици при школувањето на децата. Џулијан добил стипендија за Итон и Оксфорд, што подоцна го натерало да верува дека децата треба да добијат финансиска помош за студирање само ако се надарени. 

Тешко е да се каже кога бил привлечен од еугениката. Сепак, таа била само еден од многуте интереси што ги следел во раните години. Во 1923 година, станал основач на Британскиот весник за експериментална биологија, а подоцна и на „тинк-тенк“ наречен Политичко и економско планирање, чија задача била да ги предвиди идните општествени промени врз основа на науката. Во 1935 година, Хаксли дури станал секретар на Лондонското зоолошко друштво, настојувајќи да ја направи општата биологија достапна за сите.

Неговиот влез во светот на УНЕСКО почнал во 1944 година, кога присуствувал на состанок на Меѓународниот институт за интелектуална соработка. Оваа советодавна група на Лигата на народите требало да биде заменета со нова агенција на ОН задолжена за образование и култура. Хаксли присуствувал на состанокот за да се заложи, заедно со други, за вклучување на науката во институцијата, која првично требало да се нарече „УНЕКО“, без „С“ за наука (science). Кога првиот предложен директор на институцијата морал да биде заменет, Хаксли бил одбран на негово место. Во 1946 година, тој станал првиот генерален директор на УНЕСКО во историјата. 

Денес, склони сме да ја сметаме еугениката како нацистичка идеологија за создавање „чиста раса“. Но, за Хаксли, прашањето на расната чистота и човековата еволуција биле две различни нешта. Во книгата „Ние Европејците“ (1935), тој водел кампања против расизмот на фашистите и другите националисти, особено против еугениката на нацистичка Германија. Имено, иако и самиот бил еугеничар, тој не се сметал себеси за расист. Откритијата во генетиката и статистиката му докажале дека имало повеќе индивидуални разлики во рамките на расните групи, отколку расни разлики меѓу групите.

Идеите на Хаксли покажуваат дека, во многу аспекти, нашето современо разбирање на еугениката е поедноставено. Точно е дека во одредени моменти се спроведувале радикални еугенички политики, како присилна стерилизација; но во други времиња, еугеничарите во западните земји експериментирале со стратегии кои биле послични на оние што се користеле за подобрување на општата благосостојба. Визијата на Хаксли за УНЕСКО била вкоренета во специфичен поглед на еволуцијата, кој се уште не бил дооформен. Неговите идеи биле производ на знаења за овие процеси кои биле актуелни во првата деценија на 20 век, кога викторијанската ера отстапила место на новото доба - време на интензивни дебати за напредокот.

Џулијан Хаксли сепак сметал дека природата која би била облагородена со морални принципи не би била нужно конкурентна туку кооперативна, високо координирана и хармонична. Верувал дека човештвото можело да напредува ако луѓето културно и биолошки се интегрираат во хармонично општество каде што секој поединец можел да живее со своето посебно културно потекло и биолошка надареност, сè додека тие не и штетат на целината.

И космополитизмот во УНЕСКО на Хаксли требало да се заснова на биолошки процеси – на зголемувањето на хармонијата помеѓу деловите – а не на постари идеи развиени од Лигата на народите од 1920-тите. За новиот директор, овие процеси биле начинот на кој човештвото ќе пристапи до следната фаза на еволуција.

Во „Еволутивен хуманизам“ од 1954 тој вели:

„Човекот мора да пронајде ново верување во себе, а единствената основа за тоа лежи во неговата визија за светското општество како органска целина, во која правата и должностите на луѓето се осмислено балансирани, онака како што се меѓу клетките на телото. Со заедничка работа, може да се постави свесна основа за нов светски поредок, следниот чекор во нашата човечка еволуција.“

Ставовите на Хаксли биле веднаш оспорени. Во 1946 година, УНЕСКО сè уште била во зародиш. Откако станало јасно што предлага Хаксли, памфлетот во којшто ги имал срочено своите идеи бил отфрлен и означен исклучиво како одраз на негови лични мислења. Почнал да биде оспоруван и неговиот мандат. САД не го поддржале, делумно затоа што Хаксли го посетил СССР двапати пред неговото назначување, и бил отворен за „соработка“, што значело дека американските официјални лица го сомничеле за комунистичка закана. На крајот, САД гласале за назначувањето на Хаксли, но под услов тој да служи две години наместо нормалните шест. За тоа време, тој ги ублажил своите пишувања за еугениката, но би била погрешно на ова да се гледа на ова како на повлекување од неговата голема визија за човештвото.

Исто така би било грешка да се мисли дека ставовите на Хаксли се застарени. Во многу делови од светот, аспекти од верзијата на еугениката на Хаксли се уште опстојуваат. Технологијата за утврдување на фетални аномалии овозможува „ослободување“ од несаканиот ембрион. Ин витро оплодувањето, сон на Хаксли, сега им овозможува на некои луѓе да изберат сперма, јајце клетки и ембриони со поголема веројатност да произведат генетски супериорни деца. Можеби се згрозуваме од било какво зборување за еугеника, или го сметаме Хаксли за наивен поради неговата визија за научен светски хуманизам. Сепак, многумина од нас донесуваат одлуки поврзани со генетиката или репродукцијата со кои Хаксли најверојатно би се согласил.

4 август 2025 - 14:30