Дежуловиќ во чест на соборците

Шарлиевите ангели

Во 1994 членови на редакцијата на Шарли Ебдо доаѓаат во Сплит и прават репортажа за градот и за колегите од Ферал Трибјун. Дежуловиќ сега им ја посветува оваа колумна на своите соборци, сè уште тврдоглаво верувајќи - дека љубовта е посилна од омразата.

На ѕидот на мојата библиотека стои врамена стара карикатура: униформиран маж држи пиштол вперен во слепоочница на карикатурист, којшто со фломастер во раката седи на масата за цртање. „Повтори!", му заповеда вооружениот, а преплашениот цртач повторува: „Да живее војската! Да живее религијата! Да живеат господарите! Доле хуморот!"

Во аголот на карикатурата, потпис: „Волински 94".

Таа дeведесет и четврта, Жорж Волински веќе беше жива легенда на славната француска сатиричка традиција, еден од најпознатите француски карикатуристи и стрип-цртачи, соосновач на култниот сатиричен неделник Л'Eбдо Хара-Кири од револуционерните шеесети. Хара-Кири постоеше до ноември 1970 и до оној катастрофален пожар во клубот Cinq-Sept, кога француските весници излегоа со црни наслови: „Трагичен танц во Cinq-Sept: сто четириесет и шест мртви!". Една недела подоцна во своето родно село Коломб-ле-ду-Еглис умре претседателот Шарл де Гол, а Хара-Кири на насловната страница објави: „Трагичен танц во Коломб – еден мртов!". Весникот, јасно, беше забранет, а Волински и друштвото основаа нов, нарекувајќи го Шарли Ебдо.

Шеесетосмашки бескомпромисен, Шарли Ебдо излегуваше следните десетина години, додека не го згаснаа. Осумдесетите беа години на потрошувачки оптимизам, и никого не го интересираше сатира. Кога дојде време оптимизмот да се наплати, се врати и Шарли, обновен 1992. Една година подоцна, ние во Сплит го покренавме Ферал Трибјун, и друштвото од Шарли Ебдо нè препозна како сојузници.

Во февруари на воената '94 нивните репортери направија голема репортажа за Сплит и Ферал, илустрирана со сјајни карикатури на Бернар Верлак, новата цртачка ѕвезда на Шарли, познат под псевдонимот Тињус. Тињус особено го фасцинираше вооруженото секојдневие на Сплит – на еден од цртежите прикажа така и еден искористен рачен фрлач на ракети, популарната „зоља", која јас и Предраг од заебанција ја чувавме во редакцијата: така ја виде редакцијата на сатиричниот неделник во воени услови.

А беа тоа воени услови: на друга илустрација од репортажата ја нацрта влезната врата на сплитскиот Црвен крст, на која – како и на сите врати на државни и општински институции тие денови – стоеше пречкртан калашњиков, забрана за влез на вооружени лица. На кого, ако е нормален воопшто би му текнало да влегува во јавна зграда со калашњиков?

Се спријателивме така со соборците од Шарли Ебдо, горди што нè нарекуваат „хрватски Шарли Ебдо" и уште погорди што се претставуваат како „француски Ферал Трибјун". Пролетта истата година на гости ни дојде и тогашниот главен уредник, францускиот комичар и пеач Филип Вал – подоцна битна фаца во Радио Франс – во друштво на легендарниот Жорж Волински. Стар шеесетосмашки заебант, со немирна побелена коса, секогаш со цигара во уста, чаша виски во една и фломастер во другата рака, во таа прилика ни даде и интервју, одговарајќи на нашите прашања со карикатури.

 

Еден од одговорите беше и цртежот на униформираниот маж со пиштолот вперен во слепоочницата на карикатуристот. Стилизираниот стар цртач со три немирни влакна на главата и со фломастерот в рака беше – како и на останатите цртежи од тоа интервју – автопортретот на Жорж. Човекот со пиштол можеше да биде кој било: „Да живее војската! Да живее религијата! Да живеат господарите!". Во секој случај „Долу хуморот"!

Ферал Трибјун потраја уште петнаесетина години после тоа, а Шарли Ебдо продолжи до денес. Благодарејќи им на исламистичките екстремисти, кои бучно реагираа на секоја нивна провокација, ги биеше глас исклучиво како борци против исламскиот верски фанатизам, иако поедеднакво често, па дури и многу побрутално, ги исмејуваа и еврејските и католичките – особено католичките – свети крави, токму како и францускиот и светскиот политички естаблишмент.

Во ноември 2011, по славното специјално издание на Шарли Ебдо, Шеријатскиот Ебдо, со пророкот Мухамед како гостин-уредник, кој од насловната се закануваше со стотина удари со камшик на секој оној кој нема да умре од смеење – преживеаа брутален напад со запаливи проектили, во кој целосно им е уништена редакцијата. Тоа, меѓутоа, не ги поколеба: на насловната страница на следниот број се најде карикатура на цртач на Шарли Ебдо, во страствен бакнеж со исламски свештеник, и наслов: „Љубовта е појака од омразата".

Не е, секако, проблем што е љубовта појака, туку што е омразата послаба, и што таа не може тоа да го поднесе: три години подоцна, оваа среда, пред редакцијата застана црно Рено Клио, од кое излегоа тројца мажи со црни маски на главите. Точно знаеа кого бараат, и точно знаеа кога: во среда наутро новинарите и цртачите на Шарли Ебдо имаа редакциски колегиум. Сите беа таму, на чело со четворицата главни: на масата беше и главниот уредник Стефан Шарбоние Шарб, и ветеранот Жан Кабу Кабут Кабу. Беше таму и Тињус, и беше, секако стариот Жорж Волински.

Следниот миг сите четворица беа мртви, меѓу десетмината ладнокрвно ликвидирани членови на редакцијата. Последното што го видел Тињус бил рачен фрлач на ракети, сличен на оној којшто дваесет години порано го виде во редакцијата на еден мал хрватски сатиричен неделник, и автоматска пушка, какви што гледаше пречкртани на влезните врати на сплитските институции. Последното што го видел Жорж Волински била цевка вперена во неговата глава – беше тоа истата онаа цевка од карикатурата на мојот ѕид, една од оние кои заканувачки урлаат: „Да живее војската! Да живее религијата! Да живеат господарите!". Оваа врескаше: „Да живее религијата!".

Адју Жорж, адју Тињус, адју Шарб и Кабу, адио пријатели. Збогум, ангели на Шарли. Би им се допаднала, знам, таа финта: под насловот, да речеме, „Трагичен танц на небото: четворица умреа од смеење!", четири бесрамни Шарлиеви ангели некаде горе заводливо танцуваат околу преплашениот пророк Мухамед, грубо го соблекуваат и страсно го бакнуваат.

Љубовта е посилна од омразата.

автор: Борис Дежуловиќ

(oбјавено во словенечки Дневник, само со претплата)

10 јануари 2015 - 15:32