Оџата Ахмет Мусин Тузер официјално влегува во рокенролот дури летово кога го запознава турскиот рок ветеран Доган Сакин, со кого го прават бендот FiRock.
Бендот не ја добива очекуваната поддршка за време на првите концерти одржани во селото на Тузер, но веруваат дека проблемот е во тоа што селаните не ја разбираат оваа музика. За да го надминат проблемот и да ја зголемат публиката, тие снимаат албум.
Иако не очекуваат некаква слава заради албумот, тие не очекуваат ниту дека тој толку ќе ги вознемири турските власти за да започнат истрага против нив. (Во Турција сите оџи се државни службеници, кои добиваат плата од Департманот за религиозни работи). Истрагата против бендот, поточно против оџата во бендот, е да видат дали неговите активности се комерцијални, што не е дозволено, и дали музиката е во соласност со вредносите на департманот.
Оџата, кој на листата на свои херои ги има Фреди Меркјури и Пинк Флојд, смета дека е чист по двете основи.
"Исламот има лоша репутација, и може да изгледа како застрашувачка работа. Ама луѓето кои ми испраќаат пораки, ми велат 'Ни се допаѓа што правиш, ни требаш за просветената иднина на Турција.' Добив писмо од атеист кој ми вели 'Почитувам што правиш и те поддржувам.' Тоа беше голем подарок за мене," објаснува Тузер.
Паралелно со поддршката, имало и неколку навреди и закани, меѓутоа Тузер и понатаму верува во својата порака - дека наместо да се грижиш за правилата и ограничувањата на организираната религија, треба да ја најдеш сопствената врска со Господ.
Една од работите што Тузер би сакал да се случат е да сними дует со Мадона.