Гареб ал Омави е име кое го измислив и го користам на моите интернет сметки како што е Фејсбук, откако источна Сирија, од Деир Аз Зор до Рака падна под контрола на ИСИС.
Секојдневниот живот во Рака личи на голем затвор кој го чуваат вооружени луѓе во црно. Често се будиме со звуци на воени авиони кои го надлетуваат градот.
Дроновите речиси и да не го напуштаат небото над нас, придружени со сирени за узбуна кои ги пушта ИСИС.
Децата од Рака веќе не се плашат од бомбардирања. Тие веќе умеат и да разликуваат каков воен авион лета над градот, дали е на режимот, на руската армија или на американската коалиција.
И жените веќе не врескаат панично како што правеа кога се запознаваа со звукот на воените авиони.
На жителите веднаш им е јасно кој е нов во градот кога ќе видат како некого фаќа паника. Секој ден излегувам од дома и талкам по улиците на Рака, со измешано чувство на страв, нервоза и гадење и се обидувам да ги документирам злосторствата кои ИСИС ги врши по градот.
Почнав со тоа кога ИСИС уапси и потоа уби еден мој другар за наводно шпионирање за Слободната сириска армија. Почнав на интернет да објавувавм дневни вести за случувањата во областа која ја држи ИСИС, да покривам апсења, распнувања и каменувања.
Пред војната, или револуцијата, како што јас ја нарекувам, против диктатурата на Башар ал Асад, студирав земјоделство на Универзитетот Еуфрат. Живеев како и другите млади, имав свои хобија како фудбал и пливање, излегував со девојки.
Кога револуцијата изби во март 2011, зедов учество во мирните протести во Деир Аз Зор, во источна Сирија. Мирните протести траеа 3 месеци и едно време се собраа 500.000 луѓе на главниот плоштад.
Силите на режимот почнаа да ги разбиваат протестите а жителите одговорија со граѓанска непослушност, поставување бариери и попречување на сообраќајните рути во градот. Владата довлечка тенкови, тешка машинерија и голем број вооружени лица.
Во меѓувреме, јас и моето семејство го напуштивме градот и отидовме во Рака, која во тоа време беше побезбедна од Деир Аз Зор. Се плашевме од бруталното бомбардирање на сириската влада за разбивање на протестите.
Се обидов да се вратам на факултет но добив писмено известување дека сум исфрлен од таму заради политички причини. Сè уште сонувам за тоа еден ден да се вратам на студии.
Во март 2013-та, ФСА (Слободната сириска армија) го ослободи Рака од владините сили со помош на борците од фронтот ал Нусра, коалиција која подоцна се распадна. Настаните брзо ескалираа и до почетокот на следната година, ИСИС веќе го имаше освоено градот кога по тешки битки, ФСА се повлече од Рака.
Почнаа да дигаат црни знамиња по градот, многумина уапсија, почнаа да крадат од владини институции и симнаа сè што имаше врска со сирискиот национален идентитет, како подготовка за нивната Исламска држава.
Ја зацврстуваа нивната држава со мерки слични на оние кои ги употребување сириската влада, вклучувајќи апсења и убиства.
Но, бруталноста на ИСИС ги надмина криминалите на режимот и тие почнаа да распнуваат луѓе, да им сечат раце, да ги каменуваат и јавно да ги бичуваат.
ИСИС воведе строги правила против пушењето. Секој кој е првпат уапсен по таа основа, веднаш е јавно бичуван, вториот пат е бичуван и затворен, третиот пат е бичуван, парично казнет, затворен па протеран од градот.
Во последно време засилија апсења на млади луѓе, за пушење, носење тесни панталони или бричење на брадата. За жените, главен криминал е кршењето на исламските правила на облекување.
Гледајќи како ситуацијата се влошува, заедно со неколкумина искусни активисти и новинари создадовме проект за документирање на злосторствата и кршењето на човековите права. Објавуваме стории и снимки за тоа што се случува во градот. Како го правиме тоа не би можел да откријам без да ја доведам групата во опасност.
Она што ИСИС го прави е отаде бруталноста а некои луѓе го игнорираат овој факт. Никого не занимаат притворените и уапсените, никого не го интересираат невините цивили во Рака.
Но, кога ќе се посветам на нашата мисија да го разобличуваме злосторот на ИСИС, стравот исчезнува. Сите ние се надеваме дека еден ден ИСИС ќе одговара пред правдата за своите недела. Тоа е она што сакаме да му го покажеме на светот.
извор: Ал Џезеира