Македонската фудбалска репрезентација, вечерва од 20:45 во Кардиф ги завршува обврските за оваа година.
Од резултатот против Велс, зависи меѓу кои селекции ќе добиеме противници за баражот во март, кој се игра со полуфинале и финале.
Ако Македонија победи или одигра нерешено, ќе биде во трет шешир. Во случај на пораз, ќе заврши во четвриот шешир и ќе мора да се соочи со силен противник и тоа уште во полуфинале.
Со комплетирање на синоќешните средби, познати се три можни репрезентации, меѓу кои би добиле противник во полуфинале, ако заминеме поразени од Велс.
Тоа се трите сигурни учесници од првиот шешир кои математички се во баражот: Италија, Турција и Украина и уште една земја меѓу Полска, Данска и Австрија.

Со кој и да се паднеме, полуфиналето го играме на гости, а домаќинот на финалето се одлучува преку ждрепка.
Во четвртиот шешир се Шведска, Северна Ирска и Романија, а таму ќе се најде уште Македонија или Велс.
Кладилниците за победа на Велс нудат коефициент околу 1.70, а за триумф на Македонија преку 5.00.
Велшаните се 34-ти на рангот на ФИФА, а Македонија е 65-та. Имаат две мундијалски учества: 1958 и 2022, како и две европски: 2016-та на кое стигнаа до полуфинале и 2020, каде играа во осминафинале.
Дуелот на Градски на 25 март годинава заврши 1:1, со головите на Миовски во 91-ва и Брукс во 96-та минута.