Америка има крупен проблем со ситното

По 232 години, американското пени го дочека својот крај. Државата пред една недела престана да ги кова најситните монети, за чие производство со години свесно трошеше три пати повеќе пари од нивната номинална вредност. Илјадници тони ќе останат скриени во џебови или по дома. Властите немаат интерес да соберат или да ги стопат, ниту побарале заокружување на цените.

Последните монети од 1 цент во САД беа исковани во Филаделфија на 12 ноември. Серијата специјално обележана со „омега“ не е пуштена во оптек и ќе биде резервирана за нумизматичари.

Низ САД сега има околу 300 милијарди од најситните монети, со вкупна вредност од 3 милијарди долари и тежина од 800.000 тони. Пените остануваат во оптек како легално платежно средство. Иако на број се милијарди, тие претставуваат практично нула во вкупната парична маса во САД. Милионите што се трошат за нивно производство исто така се губат во буџетот од неколку илјади милијарди долари.

Американците имаат право да ги вратат на рециклирање во ковачниците и да ги заменат за банкноти, но поголемиот дел од паричките официјално се прогласени за „исчезнати“. Во 2024 година, секоја втора нова монета искована во САД била од 1 цент, но само малку од овие пари биле потрошени за да се купи нешто.

Државната ковачница со години свесно ја спроведувала бесмислената политика да троши по 3 центи за да произведе монета од 1 цент, со кој и онака ништо нема да се купи. Тие се придржувале до законите, и ковале се додека лани во септември добиле одлука од Конгресот да запрат. Ова го создало парадоксот на „вечниот пени“.

Монети од 1 цент се враќаат како кусур, но реално никогаш не се враќаат во оптек. Тоа создава постојана побарувачка за нови монети за да ги заменат, заради обврската на властите да обезбедат готовински трансакции за сите суми што завршуваат на 1, 2, 3, 4, 6, 7, 8 или 9 центи.

Упорно и упорно се коваа пени за кои се знаело дека нема да бидат искористени, а кои чинеа тројно повеќе од нивната платежна вредност. Всушност, тие се ѓубре, за кое Американците преку даноци ѝ плаќаат на владата да го произведе со загуба, а потоа владата им го враќа. Секој пат кога сме прифатиле цент на каса, премолчено сме се согласиле да обезбедиме бесплатно приватно складирање, засекогаш, наведува Кејти Вивер за Атлантик.

Дури и ако граѓаните решат да ги трошат или да ги окрупнат најситните монети, владата не би имала логистички капацитети да управува со толку голем и тежок кусур и нема доволно простор во трезорите за да го складира.

Канада, за споредба, прекина да го кова својот цент во 2012 година, кога трошоците за производство надминаа 1,6 центи. Владата почна да ги повлекува монетите од оптек и водеше силна кампања за заокружување на цените. Досега биле собрани 15.000 тони монети, откупени по нивната номинална вредност, а со рециклирање на бакарот и челикот се собрани средства што ги компензираат трошоците.

Американските центи се обложени од бакар, но јадрото им е претежно од цинк, чија вредност е четири пати пониска. Предноста е што рециклирањето е многу почист процес од преработката на цинкова руда, во која се користат отровни хемикалии.

Но, властите во САД досега не објавиле и веројатно не направиле, никаков план за заокружување на цени, за повлекување на пенито од оптек и за рециклирање на монетите.

Владата се однесува кон парите на начин на кој тоа го правела со децении: правејќи ги проблем на Американците, пишува Вивер.

18 ноември 2025 - 11:28