Историја на атентатите - од Франц Фердинанд до Осама Бин Ладен

Нова книга под наслов „Нарачка за смрт“ зборува за митологијата, логистиката и последиците од политичките убиства низ историјата. Такви сме сведочеле и кај нас, иако тие не секогаш се означени со ваквата одредница, ниту пак се до крај расветлени. 

Во јули 2024 година, во Пенсилванија, млад Американец се обиде да го застрела Доналд Трамп од покрив, но беше неутрализиран од снајперисти пред да ја оствари својата цел. Остана нејасно што точно го мотивирало. Атентаторите често се портретираат како осаменици со лични или идеолошки мотиви, иако вистината може да биде посложена.

Во својата нова книга, „Нарачка за смрт“, историчарот Сајмон Бол од Универзитетот во Лидс ги истражува убиствата поттикнати од политички мотиви од 1914 година до денес и нивното влијание врз историјата. Еден од најпознатите такви примери е Гаврило Принцип, млад босански Србин кој во 1914 година во Сараево го уби австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд. Тој не предвидел дека неговото дело ќе доведе до Првата светска војна, со милиони жртви. Намерата му била да ја ослободи јужнословенската територија од австроунгарска власт и да помогне во создавањето заедничка држава. 

Бол го анализира и државно организираниот терор, како убиството на советскиот револуционер Сергеј Киров во 1934 година, што му послужило на Сталин како повод за масовни чистки. Следи убиството на Троцки во 1940 година од страна на шпанскиот агент Рамон Меркадер во Мексико - симболичен крај на еден од креаторите на Советскиот Сојуз, погубен од истиот систем што самиот го создал.

Бол поставува прашање дали постојат „чесни" атентатори – како на пример Вајолет Гибсон, која се обиде да го убие Мусолини во 1926 година, но само го рани. Наместо да биде казнета, беше прогласена за душевно болна и доживотно затворена во психијатриска установа (за што подетално пишувавме во „Жената што пукаше во Бенито“).

Меѓу најпознатите политички убиства од поновата американска историја се оние на Џон Кенеди, Мартин Лутер Кинг и Роберт Кенеди. Убиството на Кинг во 1968 година од страна на Џејмс Ерл Реј доведе до најголемата потера во историјата на САД. Книгата се осврнува и на атентати извршени во Лондон, како убиството на британско-индискиот функционер Курзон Вајли во 1909 година од индиски националист. Во 1978 година, советските служби со отровен чадор го убија бугарскиот дисидент Георги Марков среде Лондон.

Пластичните експлозиви го променија ликот на политичкото убиство. Во 1973 година, шпанскиот премиер Кареро Бланко беше убиен од баскиски сепаратисти во експлозија која беше толку силна што неговата кола заврши на покрив од шесткатница.

Книгата завршува со поновите напади извршени од индивидуалци, како убиството на британскиот пратеник Дејвид Амест во 2021 и нападот врз писателот Салман Ружди во 2022 година. Тие, согласно официјалните наоди, не биле дело на организирани структури туку лични чинови на насилство.

Книгата на Бол е напишана врз основа на истражување на владини архиви низ светот и претставува детално проучена историја на атентатите во модерниот свет, на дури 464 страници. Од Првата светска војна, преку добата на тероризмот и развојот на беспилотните дронови, таа го става атентатот во центарот на модерната политичка историја и покажува како тој продолжува да влијае врз нашиот свет. 

4 август 2025 - 09:35