Теофил Панчиќ

Off

Не сум јас буквално „робинзонски" тип, не сум отиден во некоја Недојдија, не престанав да читам, да следам вести, да излегувам на улица; не умеам и не сакам да се помрднам макар и метар од асфалтот и бетонот. Впрочем, алергичен сум на „природа" - да вредела таа нешто, не би избегал човекот од неа... Во што е тогаш штосот?

Џон Смит е офф

Името е измислено, но сè друго е автентично: вака голем број англосаксонски весници ги „одјавуваат" своите колумнисти кога овие одат на одмор или се отсутни заради некои други причини. Тоа просто, заокружено, совршено офф е сосема доволно. Човек е off и што-па-сега, еднаш ќе се врати, освен ако не се врати.

Го сакам овој збор со чие значење се одлично запознати и оние кои инаку не умеат ни да бекнат англиски. Тој за нив, секако, е само спротивност на on на некакви домашни апарати, а тоа безбели не е единственото значење на тој збор во оригинал, како што се гледа и од примерот од почетокот. Па сепак, off состојбата која јас страсно ја голтав, свесен за нејзината мрачна привременост, содржи и нешто од она „домаќинско" значење, во него е запретана една блажена исклученост која е темел на моето „чувствување на светот"; лишете ме од неа од кои било причини, и после некое време ментално, емотивно, нервно се распаѓам на парченца, како суштество затечено-заточено во туѓа кожа, во епицентарот на некој нему неразбирлив живот.

Почна секако со исклучување на мојот мобилен, тоа диктаторско апаратче без кое до неодамна живеев сосема убаво, и не дека нешто ми фалеше. Потоа почнав да исклучувам - или максимално да ги пригушувам - една по една сите комуникациски компоненти на мојот живот, веќе прекумерно изложен на Другиот и на Другост од различни видови (што мојата steppenwolf природа толку тешко ја поднесува, и покрај привидот на екстровертност каков што е можно да емитувам, а кој не е ништо друго туку нуспојава на мојата професија), а сето тоа во можеби очајничкo, веројатно по малку хистерично, но без сомневање самозаштитно-самотераписко тежнеење за сведување на секое Општење на најнужна мерка. О, не сум јас буквално „робинзонски" тип, не сум отиден во некоја Недојдија, не престанав да читам, да следам вести, да излегувам на улица; не умеам и не сакам да се помрднам макар и метар од асфалтот и бетонот. Впрочем, алергичен сум на „природа" - да вредела таа нешто, не би избегал Човекот од неа... Во што е тогаш штосот? Во речиси апсолутната контрола на инпутот; во вгнездување во своја Кула од слонова коска, од која додуша ќе бидам слободен да ѕиркам кога сакам и колку сакам, но само ако навистина тоа го посакам. Во постоењето - многу буквално! - на клуч во бравата помеѓу Мене и Светот, вклучително и кон ближните и далечни луѓе, драгите и оние кои тоа баш не се. Некако како кога - ако ова не е премногу „механицистички" - го држите далечинското во рака, и само од вас зависи јачината на тонот кој ќе допре до вас.

Тежнењето кон off кај мене е некако вродено: велат дека сум бил неподносливо мирно и самодоволно бебе - сум се дерел само ако некој од возрасните ми досаѓал! После доследно сум одбивал да одам во градинка, па потоа брутално (служејќи се притоа и со клевети и други нискости, како секое нормално дете, тоа суштество кое можеби еднаш ќе стане човек, иако статистички е поверојатно дека нема!) ги избркав сите „бебиситерки" кои моите зафатени родители упорно ги носеа во сизифовска намера некако да ме извлечат од она единственото од кое никако не сакав да бидам спасен - од тоа да бидам Сам Дома, како пакосното мангупче од оној американскиот филм. Во ред, навистина не знам дали е тоа „нормално" и ОК; знам, меѓутоа, дека е доживотно.

Енивеј, квалитетен off за мене и не е ништо друго туку бивање-на-она-што-си, задоволување на сопствената природа, но вистински консеквентно: мобилниот, реков, е off, а бројот од фиксниот го знае само најтесниот круг на најблиски; нема досадни „изјави за јавност!", нема панаѓур на суети (мои или туѓи, сеедно), нема заморен муабет со Случајни, нема какофонична врева од Вишок комуникација од кој било вид. Само заводливост на неспоредливата, free-jazz неограниченост во импровизирање на секој миг секој ден, во сосема произволно ангажиран временско-просторен контекст, со седумстотини осунаесет „промени на планот" дневно, затоа што План всушност и нема, освен времето да се мине квалитетно, по многу лични мерила на еден веројатно откачен хедонист, чиј хедонизам, што е постар - а веќе има четириесет - сè помалку се однесува на сензации и дразби од Надворешниот свет, а сè повеќе на текстуални и разни други „духовни", „лични" уживања, за што тој во on состојба никогаш нема доволно време. А што е воопшто „доволно"? 24 часа дневно? Хм, па едвај...

И така, ете, протекуваа тие офф денови: будење со илјада ситни можности пред себе, од кои баш ниедна не е фундаментално важна и неизбежна во која било смисла; кафе и весници дома, појадок да речеме онде., кафе и весници во на пример онде., ручек и списание можеби таму, прошетка преку плоштад дијагонално, само да проверам дали еден бронзен споменик уште се мурти, пиво и книга на петто место., збор-два со некој познаник па Собно кралство, музика, читање, читање, читање, уште читање, можеби дури и пишување, а можеби сепак Луѓе. Иако главно јок. Хармонијата на она што си и она што ти се случува. Надворешниот свет е таму некаде, и можеш лесно да го отргнеш од себе; можеби да фрлиш по некој спореден поглед низ прозорец на неговата вечерна булеварска размрданост. Не офф како непостоење, туку како твое постоење; не сум смртољубив тип, не тежнеам кон ништост; не сум ни мизантроп, не хулам на други луѓе, нит сум рамнодушен кон нив - само не можам да ги „земам" повеќе од одредена, не баш голема доза; а и тоа само со успокојувачкото сознание дека после ќе се повлечам назад во осама. Сè друго на подолг рок му штети на мојот душевен мир.

Ете го наводниот парадокс: за да бидеш успешно „on", мораш најголем дел од времето да бидеш „off"...

Како и да е, Џон Смит се врати, тој е повторно „on", па до кога ќе издржи. Но „во суштина", браќа и сестри, тој и понатаму е многу и сè посилно off, осамена сенка која молчаливо се движи помеѓу кулисите на еден или друг Град, и затоа ако некаде го сретнете - заобиколете го, ќе ви биде искрено благодарен на тој чин на наклоност, можеби дури и на едно убаво, премолчено пријателство.

Теофил Панчиќ, 2004-та

24 февруари 2015 - 10:58