Истражувачки новинари на порталот Wired пред една недела откриле код што укажува дека Мета дискретно вградува технологија за препознавање лица во своите популарни очила зајакнати со вештачка интелигенција и поврзани со мобилните телефони.
Функцијата „NameTag“, која не беше најавена за јавноста, ќе ги трансформира лицата снимени со очилата на Мета во уникатни биометриски потписи и ќе ги проверува споредувајќи ги со сите отпечатоци складирани во телефонот на корисникот - база на податоци што моментално е конфигурирана да прима ажурирања од Мета, тврди истражувачкиот тим на Wired.
Во извештајот се потврдува дека оваа алатка сè уште не е достапна за корисниците, но се предупредува дека снимањето биометриски податоци на лица без нивна согласност е грубо загрозување на нивната приватност. Со оглед на популарноста на очилата, неовластеното снимање и создавањето бази на податоци може да добие загрижувачки размери.
Ако компанијата почнала да гради инфраструктура за да воведе толку контроверзна функција, потрошувачите треба да бидат запознаени, иако функцијата моментално е недостапна, забележува Wired.
Мета го отфрли извештајот како „сензационалистички“ и „мамка за кликови“.
Ништо не е испорачано до потрошувачите и не е донесена конечна одлука што да се прави со ова, ако воопшто нешто се прави. Ако дадеме зелено светло, ќе имаме промислен пристап и ќе го сториме тоа со целосна транспарентност. За едно можеме да бидеме јасни - не градиме централна база на податоци за лица, објави Мета.
Но, ова не е изолиран случај за поврзан со NameTag. Њујорк тајмс уште во јануари објави дека Мета планира да ја инсталира алатката во паметните очила. Во цитиран внатрешен меморандум, технолошкиот гигант забележал дека етички непожелната функција „идеално треба да се лансира за време на динамична политичка средина кога граѓанските групи за кои би очекувале да нè нападнат би ги фокусирале своите ресурси на други проблеми“.
Веднаш потоа 75 организации во отворено писмо го предупредија извршниот директор Марк Закерберг дека NameTag е „црвената линија која општеството не смее да ја премине“.
Во 2025 година, технолошкиот гигант плати 1,4 милијарди долари за да реши тужба со Тексас во врска со управување со биометриски податоци. А во 2021 година, откако реши друга групна тужба, ја укина функцијата на Фејсбук што користеше препознавање на лица за автоматско означување на луѓе на фотографии.