Италијанскиот фашистички лидер Мусолини само што одржал говор во Рим на Меѓународниот конгрес на хирурзи кога еден куршум за малку не му го скратил животот. Откако го завршил фалењето на модерната медицина, тој се поздравил со присутните и почнал да чекори кон својот автомобил. Никој не ја забележал Вајолет Гибсон, ниска и навидум кревка Иркинка, на само неколку чекора од него.
Откако влегол во автомобилот, 50-годишната Гибсон го кренала револверот и пукнала во главата на Мусолини, три пати, стоејќи речиси до него. Но она што го спасило е фактот што во речиси исто време оркестарот почнал да ја свири официјалната химна на партијата, па тој ја свртел главата кон знамето. Така, во профил, куршумот му минал низ носот, оставајќи траги и на обата образа. Неговата придружба веднаш реагирала, па за неколку минути Мусолини повторно се појавил пред собраниот народ, носејќи голем фластер на носот. Тој не изгледал толку изненаден што некој сакал да го убие, туку што станувало збор за жена. Наводно мрморел - „Жена! Жена, бе!“
По пукањето Гибсон била фатена од толпата и речиси линчувана на лице место, но полицијата ја спасила и ја привеле за испрашување. Не бил откриен никаков посебен мотив за атентатот, па ја прогласиле за луда, со оглед на тоа што имала и наводна претходна историја на ментални болести. Наместо да ја убијат, ја испратиле во Британија, каде го поминала остатокот од животот во психијатриска болница. Починала во 1956.
Oд четворица атенатори на Ил Дуче, таа била најблиску до остварување на целта. Сега, скоро еден век подоцна, во Даблин се организира поставување на спомен плоча во нејзина чест, а се истражуваат и детали од нејзината не многу позната биографија.
Гибсон била ќерка на англо-ирскиот аристократ барон Ашбурн, лорд-советник на Ирска, што во тоа време била највисока политичка функција. Таа често ја посетувала кралицата Викторија и била дел од девојките подготвувани за идни улоги на дворот. Но наместо тоа, завршила во Италија, како атентатор. Како што тврдат денешните историчари, нејзиното прогласување за ментално нестабилна служело само за бришење на нејзиното име од историјата. Споредено со нештата кои ги сторил Мусолини и фашизмот воопшто, лудилото е на друго место.