Украински дрон самостојно убил руски војници

Од Украина до Израел, дроновите денес се ударната сила за извидување и напади на бојното поле, но секогаш имало човек што ја давал завршната наредба за убиство. Украински конструктор го потврди првиот случај на дрон што автономно лоцирал и убил непријателски војници без каква било интервенција од човек. Опасната критична точка била премината уште пред две години.

Автономниот напад без каква било човечка интервенција бил извршен само еднаш, и наводно не бил повторен, тврди конструкторот на автономниот дрон-убиец. Кон линијата на фронтот биле испратени десет квадрикоптери. Биле програмирани во рок од десет минути да покријат територија од 3 до 5 километри, а потоа да се вклучат во „терминаторски“ мод, во кој систем со вештачка интелигенција отвора оган кон изолирани потенцијални цели.

Луѓето во контролниот центар не ја следеле операцијата во живо и на никој начин немале влијание врз автономните одлуки на леталото. Подоцна испратиле мануелно управувани дронови со камера, кои потврдиле уништен камион и најмалку двајца загинати руски војници.

Нападот бил извршен од неименувана воена единица во регионот на Бахмут и Часив Јар во периодот на украинската контраофанзива.

Го пробавме заради тестирање. Никогаш потоа не го повторивме. Само го лансираме и знаеме дека ќе убие сè што ќе открие во дефинираната област. Нема никаква конекција со дронот, нема видео, нема ништо. Сè што ќе види ќе биде уништено, изјави конструкторот Александар Кохановски за Њу Саентист.

Вештачка интелигенција и автономни дронови денес масовно се користат на разни бојни полиња од Украина преку Венецуела до соседите на Израел, но главно за извидување, лоцирање цели и уништување тенкови и опрема, а сè почесто и за асистирање на убиствени напади.

Израелските одбранбени сили, на пример, долго време користат самоубиствени дронови за да лебдат над разни зони низ Палестина и да припукаат кога ќе забележат одредена цел. Сепак, се тврди дека во сите случаи има човечки оператори што ја одобруваат акцијата.

Американските воени сили неодамна го користеа моделот Клод на Антропик за да изберат цели за бомбардирање низ Иран, но со асистенција на човечки оператор. Се смета дека овој систем бил одговорен за нападот со проектил во училиштето за девојчиња, во кој загинаа 168 деца и наставници. Но, досега официјално не е потврден ниту еден случај на робот што автономно пукал во луѓе.

Кохановски вели дека проектот „Терминатор“ не напредувал по тестот поради украинските правила, кои забрануваат автономни напади или ликвидации. Во последните фази од операциите луѓе мора да одобрат  уништување на целта. 

Тој лично сега е директор на нова компанија Аеро Центар која развива автономни дронови-пресретнувачи, дизајнирани да ги откриваат руските беспилотни летала Шахед и да ги уништат пред да стигнат до градови или важна инфраструктура.

Системот АЛИТА на компанијата се состои од 16 лансирни рампи опремени со 64 дронови. Ќе биде готов до октомври и ќе може да ги следи дојдовните дронови, автоматски да се активира и да се движи кон целта со 450 километри на час пред да уништи сè, од мали дронови до хеликоптери. Системот може да биде автономен, но ќе се придржува до правилата и ќе има двајца оператори да ја управуваат батеријата од 64 дронови.

Секој чекор може да биде рачен или автоматски. Не ни е дозволено последната фаза да биде автономна, но би сакал тоа да се промени, вели Кохановски.

15 јуни 2026 - 16:13