Случај Антропик:

Трамп покажа кој пали и гаси со ВИ

Вашингтон штотуку го потсети светот кој навистина ја држи моќта во ерата на вештачката интелигенција. Забраната на двете супермоќни алатки за хакирање на Антропик одекна како тревога за будење во Европа и во Британија да градат сопствени алтернативи ако сакаат да се ослободат од технолошката зависност и да опстанат во новата индустриска ера.

Група холандски, германски и британски истражувачи пред една недела го објавија проектот „Европа 2031“, во кој предупредија дека континентот несвесно ќе се лизне во технолошка ирелевантност, отстапувајќи им ја доминацијата на САД и на Кина. Кризична точка, според нив, ќе се случи на почетокот на 2029 година, кога САД ќе го ограничат пристапот до своите врвни системи. Според ова сценарио, Европа ќе банкротира и две години подоцна понизно ќе го моли Вашингтон да ја спаси. 

Експертите не биле свесни дека нивното сценарио ќе се оствари само неколку дена подоцна, а не неколку години.

Компанијата Антропик реши да ги повлече своите најнапредни модели Mythos 5 и Fable 5 за сите корисници, зашто не можеше на друг начин да ја спроведе ненадејната директива од администрацијата на Доналд Трамп овие алатки да бидат достапни само за државјани на САД. Реагирајќи на пријава од конкурентот Амазон, кој при сопствено тестирање ја потврдил моќта на моделите, Белата куќа оцени дека тие се потенцијална закана за националната безбедност.

Антропик пред два месеци го промовираше Mythos како супер-оружје што може да ги пронајде сите слаби точки на сите оперативни системи, софтвери и компјутерски системи и да ги пробие. Моделот Fable беше претставен како сродна алатка, но со вградени ограничувања, наменета за обични корисници.

Нивното целосно повлекување е погубно сценарио за Антропик кој веќе поднесе документи за да настапи на берза, со вредност проценета на близу 1 билион долари. Компанијата испрати делегација во Белата куќа на преговори како да го надминат спорот.

Oва е типичен пример колку е тешко да се регулира и да се ограничи развојот на вештачката интелигенција. Поради вмрежувањето на системите, не постои начин да се ограничи користење на алатка на национално ниво за да се обезбеди глобална технолошка доминација.

За другите земји ова е последно предупредување да не се потпираат на увезена технологија, која може да биде блокирана со еден потпис или притискање копче далеку од националните граници.

Европската Унија веќе побара од американските гиганти да се обврзат да складираат и да обработуваат податоци на локации во Европа ако сакаат пристап до пазарот. Сингапур и Обединетите Арапски Емирати развиваат сопствени модели. Овие алтернативи се скапи: McKinsey проценува дека локалните понуди за ВИ ја зголемуваат цената на основните модели и за 30%.

Европската иницијатива за стратешка автономија во технологијата е една од ретките што има поддршка од целиот политички спектар, од францускиот десничарски кандидат за претседател Жордан Бардела до портпаролот на Европската комисија Томас Рење. Брисел неодамна го усвои Законот за развој на клауд и ВИ, со цел тројно да го зголеми капацитетот на центрите за податоци, да изгради гигафабрики за вештачка интелигенција и да поддржува безбедни алтернативи со отворен код.

Но, Европа сега е на почетна позиција на која САД беше пред години. Нема своја инфраструктура и привлекува речиси 15 пати помалку инвестиции во технолошки проекти. Британија е речиси на истото ниво.

Секоја друга закана за нашиот суверенитет ја третираме со смртоносна сериозност, но не научивме да ја третираме оваа на ист начин. Најитното, најзначајното прашање за националната безбедност на Британија е иднината на нашата вештачка интелигенција, предупреди британскиот министер за ВИ, Канишка Нарајан.

15 јуни 2026 - 11:45