
Од 1 јануари 2026 година, француските државни музеи и споменици ќе воведат нов систем на цени - повисоки за лица од држави надвор од Европската унија.
Во рамки на оваа промена, посетителите од земји кои не се членки на ЕУ ќе плаќаат приближно 30 евра за влез во Лувр, наместо сегашната цена од €22 за сите. Граѓаните на ЕУ ќе влегуваат по стара цена, бидејќи правилата на единствениот европски пазар забрануваат дискриминација меѓу државјани на ЕУ.
Причините за ваквиот потег се повеќекратни. Прво, Лувр и други сродни објекти се соочуваат со сериозни проблеми: стара градба, проблеми во инфраструктурата, промени во температурата и влага што го загрозуваат зачувувањето на уметничките дела. Второ, државната поддршка за културата се намалува, па музеите бараат дополнителен извор на средства. Лувр проценува дека новиот систем може да донесе околу 20 милиони евра годишно само од повисоките цени - средства кои ќе се употребуваат за итни реновирања и подобрување на условите за посетителите.
Иницијативата не е ограничена само на Лувр: други значајни локации како Версај, Триумфалната капија и Операта исто така го разгледуваат или планираат воведувањето на повисоки тарифи за не‑ЕУ посетители во 2026 или 2027 година.
Реакциите се поделени. Едни ја поздравуваат мерката како реална и неопходна во време на финансиски притисоци, додека други предупредуваат дека може да се креира чувство на нееднаквост - особено за посетители кои долго се подготвувале за патувањето.
Дека е дискриминација - е, ама да стигнеш во Париз и од принцип да не влезеш во Лувр?
Видете што ќе направите.